Стопанската комора на Македонија упати честитка за изборот на новата влада, но побара веднаш да се седне на маса за да се утврдат приоритетите во економијата, за да им се помогне на компаниите да ги надминат последиците од корона-кризата.
– Старо-новиот премиер веќе има искуство на таа значајна функција и докажа дека знае да креира стратегиски решенија за големи и за тешки прашања на политички план, па сигурни сме дека сега економијата ќе го добие централното место. Составот на новата влада во економските сектори има решенија што нам ни се добро познати и со кои во минатото сме соработувале. Ова значи дека нема потреба од запознавање – соработката може да продолжи веднаш, што е голема предност, бидејќи времето во овие околности е најзначајниот фактор – се наведува во соопштението од Стопанската комора на Македонија.
Според нив, добро би било да се почне во акција веднаш, без протоколи, утврдување нови методологии и административни лавиринти за, како што велат, да се утврдат приоритетите што одговараат на реалноста.
– Прво, потребен е зголемен степен на координација на активностите на Владата и приватниот сектор, а искуството покажа дека тоа најдобро би се остварило со формирање економски совет и експертски тим, кој би ги координирал, поттикнувал и имплементирал на најбрз можен начин решенијата со кои треба да се спречи евентуалното комплицирање на работите на планот на здравјето и да се обезбеди задржувањето на работните места и одржување на економијата во живот – посочуваат од Комората.
Од Стопанската комора на Македонија додаваат дека веќе се свртени кон своите членки и веќе почнa силна активност на терен за поддршка на компаниите во надминувањето на клучните проблеми на стопанството.
– Тоа се функционирање на коридорите за снабдување и извоз, одржување на ликвидноста и обезбедување опстанок на компаниите и задржување на работните места. Комората за таа цел ќе го стави повторно во полна функција Кризниот штаб што се формира на почетокот на пандемијата. Ние остануваме на определбата кажана на почетокот на кризата дека Владата треба да им помогне на компаниите сега, за компаниите да можат да возвратат после – се вели во соопштението.
Понатаму се наведува дека Комората е длабоко свесна дека треба да биде носител на процесот во кој на дело ќе докаже дека како реален сектор не само што бара туку е подготвена и да даде за надминување на оваа криза.
– Приватниот сектор го дели мислењето на Владата дека треба првично да се заштитат животите на граѓаните, но паралелно треба да се штитат и бизнисите што единствено можат да обезбедат егзистенција на населението. Ние не сме луѓе што водиме сметка само за сопствените интереси, туку се грижиме за зачувување на работните места. Покажавме дека сме подготвени да се заложиме за општото добро и остануваме на тие позиции – се истакнува во соопштението на Стопанската комора на Македонија.