Во земјава, според Државниот завод за статистика, во 2018 година биле регистрирани 72.315 фирми. Но директно со поддршка и со практична настава во средното образование досега се вклучиле едвај десетина компании
Само десетина компании од над 70 илјади фирми во Македонија имаат договори и се вклучени во образованието на младите средношколци. Недостигот од стручен кадар се чествува со години, а компаниите цело време истакнуваат дека е тешко да се најдат кандидати што одговараат на нивните потреби, но, сепак, многу мал дел од нив решиле да ги преземат работите во свои раце и да инвестираат во знаењето на младите.
Во земјава, според последните податоци на Државниот завод за статистика, во 2018 година биле регистрирани 72.315 фирми. Но директно со поддршка и со практична настава во средното образование досега се вклучиле едвај десетина компании.
– Министерството за образование и наука се залага за што поголема вклученост на бизнис-секторот во реализацијата на образовниот процес, бидејќи тоа е најдобриот начин за стекнување практично применливи знаења и вештини од страна на учениците со кои тие би биле добро подготвени за успешен настап на пазарот на трудот веднаш по завршувањето на средното образование, или би имале добра основа за понатамошна надградба во некоја високообразовна установа – посочуваат од МОН.
Оттаму додаваат дека токму во оваа насока се заложбите за воведување на концептот на дуално образование во сите стручни училишта во земјата. Имено, дуалното образование е концепт на едукација при кој учениците учат директно на работно место, односно имаат повеќе практична настава, со што и вештините што ги стекнуваат се квалитетни и применливи.
– Овој концепт е релативно нов во нашата земја. Започна да се имплементира од учебната 2017-2018 година, кога се воведе во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ во Скопје, со поддршка од врвната партнерска компанија ЕВН „Македонија“. Учениците тогаш од една, а сега веќе од неколку паралелки одат на практична обука директно во компанијата. Тие добиваат и стипендија од ЕВН, а компанијата се обврзува на најдобрите, односно учениците што ќе се истакнат со знаење и вештини, да им понуди и вработување по завршување на средното образование – појаснуваат од МОН.
Од Министерството додаваат дека веќе од минатата учебна година, концептот на дуално образование е воведен и во две други стручни училишта, СОУ „Киро Спанџов Брко“ во Кавадарци и ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид. Од учебната 2019-2020 година започна да се реализира и во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ Прилеп и СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ во Битола, како и во СЕТУ Гостивар. Компании што имаат потреба од ваков кадар и директно се вклучуваат во соработка со училиштата се „Дрекселмаер“ од Кавадарци, „Костал“, „ЛТХ леарница“, „ОДВ – електрик“ од Охрид, „Кромберг и Шуберт“ од Битола и „Гентерм“ и „Витаминка“ од Прилеп
– Компаниите што се вклучуваат во спроведувањето на оваа реформа ја преземаат обврската да ги покријат трошоците за пат, да обезбедат топол оброк и паричен надомест за учениците додека се на практична обука и, најважно, да им понудат вработување по завршувањето на образованието. Овој концепт се применува во многу други поразвиени земји, како Швајцарија и Германија, и се покажува како навистина успешен кога е во прашање подготвеноста на учениците за вклучување во работните процеси по завршувањето на образованието – појаснуваат од МОН.
Покрај вклучување во наставата преку дуалното образование, деновиве МОН заедно со компанијата ЕВН ја промовираа и платформата за дигитално учење, која ќе ја користат учениците во паралелките во Скопје и Гостивар. Системот за управување со учењето, Канавас, треба да им помогне на наставниците да воведат иновации во подучувањето, а учениците да постигнат подобри резултати.
– Бевме првите што влеговме во промоцијата на дуалното образование и сега сме први во воведувањето на модерните технологии за едукација на нашите ученици. Нашата цел е европските стандарди за едукација да бидат дел од македонското образование – кажа претседателот на управниот одбор на ЕВН, Штефан Петер.
Дигиталното учење е дел од проектот „20-20-20“, преку кој ЕВН во електротехничките училишта во Скопје и во Гостивар формира кабинети и тренинг-центри за едукација на електромонтери и електротехничари што по завршувањето на нивното образование и практикантската работа во ЕВН ќе добијат понуди за работа во компанијата.
Кабинетите во Гостивар и во Скопје се опремени со најсовремените уреди и заштитна опрема и алати што ги користат и монтерите при секојдневната работа на терен. Со работа во нив, младите се едуцираат, одржуваат практикантска работа и се обучуваат според европските стандарди. Платформата „20-20-20“ почна во скопското „Михајло Пупин“ во 2017-та. Веќе трета генерација ученици се образоваат во ова училиште. Во 2020 учениците што го завршуваат образованието ќе добијат понуди за работа во ЕВН и плата од 20.000 ден.
Од Министерството додаваат дека многу стручни училишта развиваат релации со бизнис-секторот по сопствена или по иницијатива од компаниите, а во интерес на учениците и создавањето квалитетна работна сила. Истакнуваат дека има многу примери за такви соработки.
– Едно училиште може да соработува не само со една туку со повеќе компании, во зависност од бројот на ученици, во зависност од образовните профили што ги нуди и слично. Министерството за образование и наука апсолутно ги поддржува таквите активности и ги охрабрува тие соработки дополнително да се интензивираат и нивниот број да се зголемува – додаваат од МОН.