За 20 отсто намалено производството на пченица
Независно од климатските промени, производството на пченицата е со огромен пад и покажува дека земјоделците немаат интерес, можност, а ни поттик за поголеми инвестиции. Од друга страна, пченицата е единствениот производ во нашата држава што има стратегиско значење, кое е дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој
Македонското производство на пченица едвај преживува, бидејќи не постои систем на гарантиран откуп и навремена исплата, ниту планска сеидба или договорно производство, а ретко се прави и интервентен откуп, иако постои законска можност. Бидејќи пченицата не ја користиме само за производство на брашно и леб туку и за многу други преработки во индустријата за храна, секоја година увезуваме пченица од соседните земји.
Единствен земјоделски производ со, формално, стратегиско значење
Како што велат надлежните од Национална федерација на фармери (НФФ), пченицата е единствениот производ во нашата држава што има стратегиско значење, кое е дефинирано во Законот за земјоделство и рурален развој.
– Со производство од приближно 240.000 тони годишно, нашата држава не ги задоволува своите потреби и е увозно зависна од овој производ. Ако направиме една мала илустрација, од 240.000 тони пченица може да се произведат 225.600 тони брашно. Тоа би значело дека во Македонија би имале 107 килограми брашно по жител, доколку целата пченица се искористи за производство на брашно – велат од НФФ.
Оттаму додаваат дека тоа би значело дека сме на граница на задоволување на сопствените потреби, бидејќи во согласност со статистичките податоци просечниот граѓанин на Македонија консумира околу 105 килограми брашно на годишно ниво.
– Но бидејќи пченицата не ја користиме само за производство на брашно и леб туку и за многу други преработки во индустријата за храна, секоја година увезуваме пченица, најчесто од земјите од регионот. Попрецизно најголемиот увоз на пченица од околу 17 милиони евра во 2019 година го имаме од Србија, која е најголемиот регионален производ (војводинската житница) – објаснуваат од НФФ.
Во последните 19 години производството е опаднато за 20 отсто
Според нив, секоја година македонското производство на пченица едвај преживува, бидејќи цената на откупот е берзанска, не постои систем на гарантиран откуп и навремена исплата, ниту планска сеидба или договорно производство, а ретко се прави и интервентен откуп, иако постои законска можност.
– Сево ова доведува до намалена употреба на современи технологии и инвестиции во производството и го прави овој потсектор еден од најпорозните (иако е единствениот стратегиски). За период од последните 19 години, производството е опаднато за просечни 20 отсто, а од најголемиот подем во 2004 година со 356.825 тони до 200.112 тони во 2017 година разликата е 44 отсто – истакнуваат од федерацијата.
Тие сметаат дека ова е огромен пад, без разлика на климатските услови, и покажува дека земјоделците немаат интерес и можност за поголеми инвестиции, цените и понатаму се многу ниски, а системот е условно „организиран“ како што е и кривата на производство, со постојани падови и искачувања.
– Кога системот е подобро организиран, тогаш и производството е релативно стабилно, како што е на пример случајот со тутунот, додека, пак, кај производството на пченката имаме многу помали отстапувања во кривата на производство – објаснуваат од НФФ.
Поради евтиниот увоз многу земјоделци ја користат како сточна храна
Како што споменува претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, факт е дека како држава немаме реална стратегија за производството на нашето лебно жито, што во овој момент е најбитно.
– Пченицата како стратегиски производ мораме да ја заштитиме и да ја поддржуваме, за да не се намалува производството секоја година. Мораме во делот на производството да одиме со резерва, зашто многу земјоделци во време на ниска откупна цена пченицата ја користат како сточна храна – вели Станковски.
Претседателот на „Агрофаланга“ потенцира дека српската пченица е проблем за нашето производство, бидејќи се увезува поевтино на нашиот пазар.
– Проблемот е пониската цена на производство на тон пченица во соседните држави, па со тоа и интересот на мелничарите од увоз на поевтина суровина за своето производство. И сето тоа ги деморализира нашите земјоделци, производители на житни култури – нагласува Станковски.
Покривање на сопствените потреби како приоритет и стратегиска цел
Тој додава дека тие започнале со делумна промена на културите, а заедно со нестабилните временски услови, до недоволно влага во Овчеполието, нивниот финансиски опстанок е доведен во прашање и дека решавањето на овој проблем бара комплексен одговор.
– Покривање на нашите потреби за пченица на годишно ниво треба да ни биде приоритет и стратегиска цел. Кога овие две цели ќе станат приоритет на државата, тогаш може да се премине кон искористување на сите потенцијали што можат да го зголемат производството по единица површина, а тоа се системи за наводнување, модерна технологија, навремена заштита од болести итн. – смета Станковски..
Според Станковски, додека не се решат најважните проблеми за житопроизводителите, не може да очекува тие да инвестираат или да го прошируваат производството во нова технологија и опрема.
– Ако се случи ова, производителите ќе останат незаинтересирани и излезот ќе го бараат во промена на културите или откажување од земјиштето – вели тој.