Фото: Маја Јаневска-Илиева

Независното судство, зајакнувањето на јавната администрација, намалувањето на корупцијата и намалувањето на неформалната економија се стратегиски цели на секоја влада, но реализацијата на овие цели бара одлучност, одржливи решенија и поширок политичко-општествен консензус

СТОПАНСТВЕНИЦИТЕ БАРААТ ПЕРМАНЕНТНА РАБОТА НАМЕСТО АД ХОК РЕШЕНИЈА

Може ли ковид-кризата да биде шанса работите да се постават системски на вистинско место, за понатаму да функционираат подобро и да креираат поголема вредност во економијата? Покрај мерките и активностите кон заздравување на економијата, потребно е да се креираат и механизми што ќе ја стимулираат економската активност во насока на повисок и одржлив раст на среден рок. Од бизнис-заедницата е посочено дека механизмите во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, владеење на правото и решавање на корупцијата е неопходно за градењето здрав економски систем што ќе продуцира додадена вредност и економски раст.
Како што вели Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, бизнис-опкружувањето е комплексен проблем, со кое со декади се справуваме и никако да создадеме одржливи решенија и затоа се потребни конзистентни структурни реформи.
– Паралелно со рекуперација на економските состојби треба постојано подобрување на бизнис-амбиентот. Затоа е потребно Владата да донесе стратегиски и оперативен план. Зајакнување на институционалниот капацитет е перманентна работа. Тие промени не се прават со ад хок решенија – објаснува Беџети.
Според него, независното судство, зајакнувањето на јавната администрација (како широк концепт), намалувањето на корупцијата и намалувањето на неформалната економија се стратегиски цели на секоја влада, но реализацијата на овие цели бара одлучност, одржливи решенија, поширок политичко-општествен консензус.
– Декларативните решенија што се вградуваат во нормативни акти треба да бидат следени со цврст мониторинг и надзор над нивните примени без исклучок. Од друга страна, бизнис-заедница не секојпат води сметка за одржливи и конзистентни решенија, туку го гледа тековниот интерес и затоа нема конкретни резултати – смета Беџети.

Оттаму, тој споменува дека сивата економија и недостигот од финансии го задушуваат порастот.
– Првата димензија во зголемувањето на економскиот пораст е редуцирање на сивата економија, а за тоа е потребно зголемување на институционалниот капацитет. Другите аспекти се од типот на неселективно однесување при примена на законските решенија, па до едукација на економските агенти, ако не со „меки“ мерки, тогаш со репресивни, од типот на санкционирање – нагласува Беџети.
Министерот за финансии истакна дека сивата економија ја поткопува конкурентноста на фирмите и поединците и претставува неправична и незаконска „предност“ на оние што не ги исполнуваат законските обврски.
– Одговорност е на државата да ја подобрува правната и економска околина, во која најлесен и најисплатлив начин за развој на бизнисите е легалното работење, водејќи се по принципите на рамноправност, објективност и транспарентност, преку обезбедување јасни прописи и правила лесни за следење и почитување, како и обезбедување санкции за оние што не ги применуваат и почитуваат – појаснува Бесими.

Тој додава дека исто така и корупцијата предизвикува несакани последици што ги нарушуваат доброто менаџирање и управување со бизнисите и затоа е важно да се обезбедат услови што ќе овозможат напредок на бизнисот.
Претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија долго време гласно повикуваат и бараат од надлежните институции да преземат итни и решителни мерки за сузбивање на сивата економија. Според нив, со отстранување на нелојалната конкуренција на пазарот од оние што работат нерегистрирано и не дотираат во буџетот, ќе им се помогне на претпријатијата што се во тешка состојба поради корона-кризата.
– Сметаме дека фокусот на Владата треба да биде ставен на борба со сивата економија и со корупцијата, паралелно со мерките за економска поддршка на стопанството. Важно е да се истакне дека справување со сивата економија не е да се врши репресија врз регистрираните фирми и да им се бараат неусогласености за да бидат казнети. Справување со сивата економија е да се најдат и стават во систем оние што нерегистрирано работат и заработуваат милионски профити и затајуваат данок, со што се нелојална конкуренција на пазарот и едновремено го оштетуваат државниот буџет. Доколку не се превенира оваа нелојална конкуренција на пазарот, особено во време на криза, се ризикува даночна евазија и премин на активностите во сивата зона и на регистрираните претпријатија – појаснуваат од ССК.