Министерството за економија објави повик за субвенционирање на трошоците за купување и вградување уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата. Притоа ќе се надоместат до 50 отсто од трошоците за купен и вграден уред, но не повеќе од 18.000 денари по возило.
Предвидено е да бидат надоместувани само трошоците за купен и вграден уред настанати по денот на објавувањето на јавениот повик. Надоместок ќе се дава само за едно возило во семејство, а право на учество имаат сопственици на возила произведени од 2005 година наваму.
Изборот ќе се прави по принципот „прв дојден, прв услужен“, односно по редоследот на поднесување на барањата во архивата на Министерството за економија. Крајниот рок за аплицирање е втори декември годинава.