Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПО ОБЈАВАТА НА ИСТРАЖУВАЊЕТО ЗА НЕПОВОЛНИТЕ СОСТОЈБИ ВО ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА

Стравот од можен четврти бран на пандемијата повторно се враќа меѓу општата популација, но и во бизнис-секторот, поради можни нови рестрикции и затворања на економиите. Намалениот оптимизам на стопанствениците и на економските експерти е резултат не само на неизвесноста поврзана со пандемијата туку и на последните наоди на германска истражувачка институција, институтот ИФО, според кои германската економија, која е најголемиот трговски партнер на нашата земја, е разнишана.
Германското деловно расположение, според наведеното истражување, падна неочекувано во јули, поради постојаната загриженост за недостатоци во синџирот на снабдување и забрзаното ширење на коронавирусот. Оттаму велат дека проблемите со снабдувањето дополнително ги оптоваруваат производствениот сектор и трговијата на мало, при што речиси 64 отсто од индустриските компании се жалат на недостиг од материјали и суровини. Во истражувањето се вели дека компаниите се загрижени да не дојде економијата до критична точка поради четвртиот бран на коронавирусот.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини се согласува дека економската состојба на Германија воопшто не е на завидно ниво, што, според него, би можело да се одрази и на Македонија.
– Ваквите движења што ја следат Германија може да се одразат на нашата држава, најмногу поради тоа што таа е убедливо најголемиот трговски партнер на Македонија. Но, сепак, нам властите ни пласираат раст на економијата во нашата земја и ни велат дека нема никакви надворешни ризици. Сметам дека не се пренесува реалната слика, бидејќи штом нема економска стабилизација во Германија, тогаш што да очекуваме во иднина за нас. Наедно, веќе нема ни простор за имплементирање нови мерки, ниту имаме можност да се задолжуваме со нови еврообврзници, сѐ додека не вратиме дел од парите – вели Хајредини.

Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, информацијата за падот на деловното расположение во Германија, како наш најголем трговски партнер, воопшто не е добра.
– Сведоци сме дека многу стоки и услуги или се недостапни или имаат значајно зголемување на цените. Сето ова негативно влијае на производството и на услугите. Ако на ова се додадат сѐ уште присутната неизвесност од нови врвови на пандемијата и песимизмот кај купувачите, тогаш мора да ни биде јасно дека проблемите со пандемијата во економијата ќе потраат и во 2022 година – смета Димитров.
Тој вели дека негативните движења во Германија негативно ќе се одразат врз македонскиот извоз во оваа земја, а тоа истовремено ќе доведе до пад на производството и на бројот на работните места.
– Затоа мораме будно да ја следиме ситуацијата и навреме да преземаме мерки за ублажување на последиците. Добро би било во овој момент да покажат раст одредени дејности што немаат пад на производството и услугите предизвикани од ковид-19 и да прифатат некои од работниците што поради пандемијата останаа без своите работни места. Исто така, Владата мора будно да ја следи ситуацијата и да преземе одредени мерки за намалување на негативните тенденции по нашата економија – објаснува Димитров.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека од големо значење е економската состојба кај нашите најголеми надворешнотрговски партнери, пред сѐ Германија, но во моментов загрижува фактот за четвртиот бран, да не донесе пад во трговската размена со нашата држава, бидејќи учеството на Германија во извозот на Македонија е околу 50 отсто.