Цените на нафтата на меѓународните пазари денеска скокнаа кон 66 долари по големиот пад на резервите во САД и затворањето на нафтените платформи во Мексиканскиот Залив во пресрет на најавеното невреме.
На лондонскиот пазар цената на барел пораснала 1,42 долари во однос на претходното затворање и изнесувала 65,58 долари. На американскиот пазар со барел се тргувало за 1,28 долари повисока цена односно 59,11 долари.
Податоците од Американскиот институт за нафта (API), објавени во вторникот, покажуваат пад на залихите на сурува нафта во САД за 8,1 милиони барели во текот на минатата недела. Аналитичарите очекувале значително помал пад, од околу 3,1 милион барели.
Официјални податоци на владата на САД ќе бидат објавени во текот на денот.
Потпора за ваквите цени е и евакуацијата на работници и затворањето на производствените платформи во Мексиканскиот Залив поради предупредувањето за тропско невреме во текот на денот, кое утре би можело да прерасне во бура.