Од вкупниот број вработени во земјава, 60,8 проценти се мажи, а 39,2 отсто се жени. Најновите податоци од Државниот завод за статистика покажуваат економски јаз по родова основа. Податоците и од невладиниот сектор исто така покажуваат дека иако работат исто – трудот на жените се вреднува за 18 отсто помалку во однос на мажите. Во земјава од вкупниот број работодавци, само 19,4 отсто се жени.
Во земјава во 2017 година имало 290.387 вработени жени, или стапка на вработеност од 34,6 отсто, а бројот на вработени мажи изнесувал 450.261, или стапка на вработеност од 53,6 проценти. Според истражувањето на Државниот завод за статистика, бројките покажуваат дека сѐ уште е присутната родовата нееднаквост.
– Вработеноста во Република Северна Македонија се карактеризира со многу неповолна полова структура. Оваа структура е непроменета во еден подолг временски период, пред сè, поради нестабилните економско-социјални услови во земјата и неусогласеноста на расположливите и потребните профили на пазарот на труд.
Стапката на невработеност кај жените изнесува 21,8 отсто, а кај мажите 22,7. Стапката на активност кај жените е пониска и изнесува 44,3 проценти, а забележливо е повисока кај мажите и изнесува 69,3 отсто – се наведува во истражувањето на Државниот завод за статистика.