Рударскиот сектор покажа дека може да опстојува и во услови на вакви кризи, но не е реално да се очекува значителен раст на овој сектор, освен евентуално отворање нови рудници, што е и потребно. Но нарушената инвестициска клима во рударскиот сектор не дава надеж, особено ако се имаат предвид постојаните антирударски движења во земјата, појаснува претседателот на Македонската асоцијација за рударство при СКМ
Здравствено-економската криза наметната од ширењето на ковид-19 значително ги разниша економиите во светот, а неизвесноста од нејзиното надминување и понатаму е надвисната над државите и над стопанството. Економистите укажуваат оти инвеститорите се откажуваат од своите планови за проширување на капацитетите, односно од понатамошни инвестиции поради неизвесноста. Изминатава пандемиска година наметна разни рестриктивни мерки, но и обврска за реорганизирање, некои од компаниите се соочија и со намален број работници поради мерките за изолација, што ги отежна плановите за работа на голем број компании. Сепак, одредени сектори се покажаа како поиздржливи и помалку погодени од кризата, како рударството, каде што компаниите немаат толку големи загуби како другите сектори. Инволвираните истакнуваат дека работењето од почетокот на пандемијата било вистински предизвик, но додаваат дека и покрај сите проблеми успеале да ги задржат сите вработени без да бараат помош од државата.
– Кога говориме за рударството како сектор во РСМ, потребно е барем грубо да го поделиме на: рудници за обоени метали, енергетски минерални суровини (јаглен), украсен камен и рудници за градежни материјали и така полесно би можеле да дадеме оцена како влијаеше ковид-19 врз секторот во изминатиот период.
И во минатата година како и порано се покажа дека со здравствените кризи и епидемиите во светот на извесен начин рудниците за обоени метали полесно се справуваат, од причини што рудата како предмет на работа е тука, се очекува дека менаџерските тимови правилно ќе ја насочат работата, цените на металите и во услови на пандемијата бележат благ раст, основниот транспорт во земјата (дотур на резервни делови и репроматеријали), како и извозот функционираат добро во земјата и останува на менаџерите да обезбедат производство. Се разбира здравјето на вработените се покажа како важен фактор, но се потврди како исправно постојаното укажување на здравствените работници за нужната дисциплина (носење маски, одржување растојание, превоз и др.) Значи, општо 2020 година рудниците за обоени метали ја завршија успешно и бидејќи кризата продолжува и со поголем интензитет очекуваме дека извлековме поуки како понатаму – вели претседателот на Македонската асоцијација за рударство при Стопанската комора на Македонија, Николајчо Николов.
Николов дообјаснува дека енергетските минерални суровини, односно рудниците за јаглен работат во согласност со плановите за производство на електрична енергија и немаа регистрирано некои посебни проблеми. Наедно претседателот на МАР додава дека работата на каменоломите и производството на градежни материјали ја пратат динамиката на градежната индустрија и заедно ги делат проблемите врзани со ковид-19. Според него, и во текот на оваа 2021 година не се очекува драстично влошување на состојбите во рударството, но апелираат за реализирање на масовната вакцинација.
– Глобално во тековната година не се очекува влошување на состојбата околу работењето на рударскиот сектор, но нагласуваме дека масовната имунизација на населението е неопходна и итна, затоа што без доволна работна сила не можеме да одиме напред. Многу е важно да се забележи дека во овој кризен период речиси и да нема посебни барања од рударскиот сектор кон државата, нема отпуштање работници и се даваат редовни и солидни плати – истакна Николов.
Претседателот на МАР, меѓу другото, дополнува дека иако секторот не е најдиректно засегнат со проблеми што ги наметна пандемијата, сепак, истакнува дека не може да се очекува значителен раст во секторот доколку нема отворање нови рудници, за што, според него, нема соодветна инвестициска клима.
– Проблемите во рударскиот сектор се стандардни и не се толку поврзани со ковид-19, но рударскиот сектор покажа дека може да опстојува и во услови на вакви кризи, освен глобалните финансиски кризи, движењето на цените на металите и нафтата на берзите, кои директно влијаат врз работењето на овој сектор. Не е реално да се очекува значителен раст на овој сектор, освен евентуално отворање нови рудници што е и потребно, но нарушената инвестициска клима во рударскиот сектор не дава надеж, особено ако се имаат предвид постојаните антирударски движења во земјата. Сметам дека доаѓа време кога мораме одблиску да ги погледнеме реалните слики во нашата земја и да гледаме многу пореалистички и оптимистички – заклучува претседателот на МАР.
Народната банка во својот последен квартален извештај во анализата за индустриското производство забележува дека и во третиот квартал од минатата година имало пад на индустриското производство, но помал од претходниот. Наедно, во анализата истакнуваат дека највлијателен е негативниот придонес на преработувачката индустрија, а помал негативен придонес имаат и рударството и енергетскиот сектор.
За состојбите во рударскиот сектор разговаравме и со професорот д-р Живко Груевски, кој изминатава година како претставник на потенцијален инвеститор се соочи со неаргументираниот притисок на активисти против развојот на нови рудници. Груевски смета оти бесмисленото брендирање на новите инвестиции како извори на смрт во услови кога не само македонската туку и глобалната економија се дават во рецесија предизвикана од пандемијата на ковид-19, е доказ дека е време за нови херои за заштита на животната средина.
– Индивидуалци, здруженија и компании што во своите настапи се аргументирани, со факти и бескомпромисно се залагаат за почитување на правилата и законите за заштита на животната средина. Тие се залагаат да се користат бенефициите што ги носат индустриите, но со контрола. Впрочем повеќето индустрии се опасни по животната средина, но само доколку инвеститорот го крши законот, доколку не се придржува кон примената на мерките за заштита на животната средина или доколку институциите му прогледуваат низ прсти… Оваа опасност се наметнува од голем број индустрии, не само од рударството. Рударството и земјоделството се најдоа на крстосница. Стихијно, без идеја каде треба да оди едното, а каде се движи другото. Но ако се инвестира во двете, економските параметри, науката и експертите јасно укажуваат дека тоа е најдобриот избор за брз економски раст во државата. Впрочем, рударството не е новина во Македонија. Онаму каде што веќе има рудници, населението покажува голема доверба и поддршка, а и државните институции отворено ги поддржуваат овие индустриски капацитети – објаснува Груевски.
Тој нагласи дека стравот и недовербата предизвикани од малцинска група активисти, иако неосновани, се наметнаа како пресудни за судбината на новите рударски проекти.
– Разорните економски последици од пандемијата на ковид-19, брутално нѐ убедија дека „ѓаволот ја однел шегата“ и дека е крајно време сите да се запрашаме – со кое право неколкумина неаргументирано го демонизираат рударскиот комплекс за бакар „Иловица-Штука“! Манипулативните пароли „Рудник на смртта“ нема да помогнат да се одржи имиџот на нашата држава како атрактивна инвестициска дестинација во Европа. Ниту пак ќе помогнат некој да преземе одговорност за финансиската штета во случај на меѓународна арбитража, иако таа во иднина е извесна.
Впрочем, кој кого ќе повика на одговорност ако насилно ја истераме најголемата потенцијална странска инвестиција од нашата држава!? Сите носиме одговорност да овозможиме нови инвестиции што ќе помогнат да се запре економски мотивираната миграција на младите генерации. Инвестициите се единственото решение да запрат разорните ефекти на рецесијата со која се соочува и нашата држава! – истакнува Груевски.
Тој дополнува дека економската неразвиеност и „сиромаштијата“ резултираат со зголемена желба и потреба за иселување, неисполнет и несреќен живот. Нагласува дека само богати и економски развиени општини, региони и држави можат сериозно да се грижат и да инвестираат во заштита на животната средина, високи стандарди во заштита на здравјето на своите граѓани, во современа инфраструктура, нови училишта итн.