РЕК „Битола“ од утрово не произведува струја поради дефект во котелот на блок 1, соопшти ЕСМ.
– Заради дефект во котелот на блок 1, за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека постројката е во функција, синоќа во 3 часот блок 1 е исклучен од електроенергетската мрежа на државата – се наведува во соопштение на ЕСМ.
Поради пукната цевка Термоелектраната Битола 1 е надвор од производство. Од РЕК „Битола“ информираат дека блокот бил исклучен поради пукната цевка.
Од таму нагласуваат дека станува збор за планско исклучување на блокот со цел санација на скината цевка што се смета за лесен испад на постројката. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде вратен на мрежа.
Претходно, поради пожар кој изби во РЕК „Битола“ во петокот, надвор од функција беа вториот и третиот блок поради што производството беше потпрено само на еден блок, но во моментот и тој не работи. Пожарот направи сериозни оштетувања на трансформаторот на блок 3.
– Се работи и на оспособување на блок 2 кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде на мрежа до крајот на неделава – објаснуваат во денешното соопштение од ЕСМ.
Во меѓувреме, од ЕСМ велат дека потребите се задоволуваат од останатите капацитети, како и со набавена електрична енергија, како резерва при вакви куси испади. М.М.