Од април исклучените од парно греење повеќе нема да плаќаат фиксен надоместок (паушал), предвидуваат новите предлог-правила за снабдување со топлинска енергија што на вчерашната седница беа разгледани во Регулаторната комисија за енергетика.
Од комисијата нагласија дека од први април нема да се зголемат сметките за парно греење за корисниците поради тоа што ќе се укине одредбата со која досега исклучените плаќаа фиксен надоместок. Оттаму препорачуваат градот Скопје и Владата да најдат соодветни механизми за субвенционирање на потрошувачите што користат топлинска енергија и на оние што се греат на природен гас. Во однос на оние што би сакале да се исклучат од системот за парно греење, РКЕ предлага да имаат обврска да изработат елаборат со кој ќе докажат дека новиот начин на кој ќе се греат нема да предизвика проблеми во снабдувањето со електрична енергија.
– Доколку парното се замени со греење на електрична енергија, кое има висока потрошувачка, може да настанат проблеми во снабдувањето со електрична енергија. Од тие причини секое домаќинство што има право да се исклучи треба да докаже дека новиот начин на греење ќе биде енергетски поефикасен од тоа што досега го имал преку системот за топлинска енергија – рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Потрошувачите што ќе сакаат да се исклучат ќе треба да побараат и дозвола од 50 проценти плус еден граѓанин од станарите што живеат во зградата. Во однос на празните станови во кои никој не живее, дополнително ќе се разгледуваат начините на тарифирање. Исто така се воведува и концептот на забрана на исклучување на ранливите категории потрошувачи во зимскиот период.
На потрошувачите на топлинска енергија од први август во сметките ќе им биде укината ангажираната моќност, но тоа не значи дека ќе добијат помали сметки, туку ќе се воведе појасен и лесен начин за пресметка на сметките.
– Од 1 август ангажираната моќност како тарифен елемент за потрошувачите што користат топлинска енергија ќе биде укината и ќе биде воведен соодветен и јасен лесно разбирлив начин на пресметка на фиксните трошоци за потрошувачите што останале во системот – истакна Бислимовски. Е.Р.