„Јавна инфраструктура во Југоисточна Европа – во чиј интерес” е темата на регионалната конференција што ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Аналитика тинк-тенк.
На конференцијата, која ќе ја отвори министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, ќе биде презентирана регионална анализа за јавната инфраструктура во Југоисточна Европа, активност предвидена со проектот „Граѓанските организации како еднакви партнери во мониторирањето на јавните финансии“.
Најавено е учество на експерти од Европската инвестициска банка, Bankwatch, Енергетската заедница, Agora Energiewende (Германија). Ќе се зборува за улогата на ЕУ во планирањето и финансирањето на инфраструктурата во Југоисточна Европа и за тоа кои лекции можат да се научат од инфраструктурните случаи во регионот од гледна точка на локалните невладини организации од Србија, Македонија и Бугарија.
Активностите ги реализира Аналитика од Македонија, со Фрактал (Србија), За земјата (Бугарија), ЦЕЕ (Босна и Херцеговина), МАНС (Црна Гора), ЦЕКОР (Србија), БИРН (Босна и Херцеговина), Смехомат (Словенија), Фокус (Словенија) и координаторот „Крилја на надежта“ (Босна и Херцеговина).
Финансииите за проектот се обезбедени преку Програмата за механизми на граѓанското општество и медиуми 2014-2015.