Причина за пад на млекопроизводството во Македонија е доминацијата на мали производители, околу 70 отсто се мали фармери со до пет крави, со мала продуктивност и ограничени можности за примена на современи практики и технолошко производство на млеко
Млекопроизводството со години се бори со слаба организација и константно намалување на интересот, наедно и со ниско годишно производство на млеко, како и сѐ поголем увоз. Основни предуслови за подобрување на состојбите се зголемување на домашната суровинска база, стратегиски пристап што ќе го опфати целиот синџир на производство од земја, храна, производство на сурово млеко, преработувачка индустрија. Упатените велат дека клучно е и зголемување на продуктивноста по грло, т.е фарма, менаџирање на фармите за да има сѐ помалку разбиени фарми и да се инвестира во модерно фармерско производство, како и вложување во едукација на млади стручни лица што долгорочно ќе ги достигнат европските стандарди.
Според мартовските податоци на Државниот завод за статистика, производството на кравјо млеко во 2019 година изнесува 390 милиони литри што е за 3,3 отсто помалку во однос на 2018 година. Намалување на производството во 2019 година е забележано и кај овчото млеко за четири отсто и кај козјото млеко за 26,2 отсто во однос на претходната година.
Доминираат малите производители
Од Стопанската комора на Македонија велат дека предизвиците за македонската млечна индустрија се структурни по својата природа, со континуираниот пад на сточниот фонд и на количествата сурово млеко што се нудат.
– Причина за пад на млекопроизводството во Македонија е доминацијата на мали производители, околу 70 отсто се мали фармери со до пет крави, со мала продуктивност и ограничени можности за примена на современи практики и технолошко производство на млеко. Само еден отсто од фармите имаат повеќе од 50 грла, а тие треба да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за преостанатите фарми (репродуктивни центри) – објаснуваат од комората.
Оттаму додаваат дека големо влијание има и зависноста од купување скапа сточна храна, во услови на недостиг од сопствено земјиште за производство, како и ниската продуктивност по грло, што предизвикува високи трошоци на производство и висока цена на млекото, што ги поткопува профитабилноста на преработувачите и долгорочните перспективи за развој.
– Следејќи ја анализата за факторите што доведуваат до вакви состојби, се наметнува потребата од интервенции во примарното производство со воведување стандарди со кои се детерминираат основните услови на одгледување на добитокот, генерални правила за хигиена во примарното производство, како и ревидирање на започнувањето со спроведување на системот за плаќање на суровото млеко врз основа на квалитетот, донесен во февруари 2002 година – нагласуваат надлежните од СКМ.
Да се воспостави рамнотежа помеѓу откупната цена и квалитетот на млекото
За да се дојде до зголемено и конкурентно производство и пораст на извозот на млечни производи, истакнуваат од комората, најпрво е потребно воспоставување рамнотежа помеѓу откупната цена и квалитетот на млекото.
– Домашните млекарници поради несоодветен хемиски состав не можат да им конкурираат на увезеното млеко и млечни производи, не само од земјите на ЕУ туку и од регионот на Западен Балкан – појаснуваат од СКМ.
Оттаму велат дека приоритет е и стимулирање и наградување на квалитетот наместо субвенционирањето по произведен литар млеко.
– Наедно, потребни се и континуитет и зголемување на програмата за увоз на квалитетни стелни јуници, дополнето со субвенциониран трансфер на молзна стока од мали кон поголеми фарми и сево ова ќе доведе до пренасочување на сите молзни крави во поголемите фарми, ќе се зголемат ефикасноста и профитабилноста, а ќе се постигне подобрување на квалитетот на млекото и намалување на огромните логистички и, пред сѐ, транспортни трошоци на млекарниците – истакнуваат од комората.
Оттаму велат дека клучен предизвик е да се спречи натамошниот пад на суровинската база, а потоа да се премине и на развојната компонента за намалување на увозот на млечни производи.
– На долг рок, производството и преработката на млеко треба да добијат позначајно место во економските политики и програмските документи, вклучувајќи мултиплицирање на расположливите средства во програмата за увоз на стелни јуници и проширување со можност за откуп во рамките на државата заради консолидација на домашните фармери, но и ефикасна реализација и исплата на средствата. Истовремено, пренасочување на сите молзни крави од помалите кон поголемите фарми за консолидација на секторот – истакнуваат надлежните од СКМ.
Тие додаваат дека од големо значење е и програма за приватизација на државно обработливо земјиште, за обезбедување одржлив развој на фармерството и за производство на сточна храна.
Мора да се напушти традиционалното одгледување
Според Никола Деребанов, генерален директор на холдинг компанијата „Перминдекс“ за винарницата „Стоби“, млекарницата „Галичник“, „Црвени Брегови“ и „Вардар“, за разлика од говедарството каде што фармите мора да се окрупнат и да се модернизираат за да ја зголемат својата продуктивност, во овчарството кога зборуваме за зголемување на производството на млеко процесите треба да се малку поразлични.
– Имено, ние мораме да го напуштиме традиционалното одгледување овци што е доста трудоинтензивно и да преминеме кон одгледување овци во фарми. Притоа, не само што се менува начинот на одгледување и се намалуваат трошоците за производство туку зборуваме и за промена на расниот состав во овчарството, односно одгледување високомолзни овци – објаснува Деребанов.
Овој процес, нагласува тој, ќе продолжи природно во наредниот период затоа што тоа го наложува конкуренцијата во регионот и во Европска Унија.
– Ние, производителите, или ќе се приспособиме или, пак, моменталните субвенции што ги добиваме нема да се доволни за да ја покријат нашата непродуктивност. Ако сме успешни во овој процес во наредниот период, со користење на средствата од ИПАРД-програмата може да очекуваме продолжување на падот на број на молзни овци во државата, но од друга страна, зголемување на производството на млеко по молзна овца – вели Деребанов.
Како што додава тој, во нивната млекарница „Галичник“ сѐ уште користат исклучиво овчо млеко што е добиено од традиционално одгледувалиште.
– Во моментов имаме околу три илјади овци што се одгледуваат на пасиштата на Бистра и во зимските месеци на планината Клепа. За жал, цената на ова млеко се зголемува како што се зголемуваат личните доходи во државата и поради трудоинтензивноста на процесот во среден рок цената на финалниот производ нема да може да ги покрие овие трошоци – споменува Деребанов.