Нафтата на светските берзи минатата недела поскапе за околу еден процент, што беше прво поскапување на „црното злато“ по седумнеделен пад на неговите цени.
Поскапувањето на нафтата, според експертите, се должи на надежта на инвеститорите дека Организацијата на државите извозничи на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери неделава ќе се договорат за намалување дневното производство на енергенсот, со цел да го одржат стабилното ниво на неговите цени.
На Лондонската берза, нафтата од Северното Море минатата недела поскапе за 1,1 отсто на 59,45 долари за барел, додека во Њујорк цената на американската „лесна“ нафта се зголеми за еден проценти на 50,93 долари за барел.
Цените на нафтата изминативе седум недели се намалија за околу 30 отсто, како резултат на зголеменото производство на членките на ОПЕК, по одлуката на САД за обнова на санкциите кон Иран, кои вклучуваа и забрана за извоз на енергенсот. Сепак, иранскиот извоз на нафта не се намали колку што се очекуваше, што доведе до вишок на понудата на енергенсот на пазарот.
Зголеменото нафтено производство резултираше и со раст на резервите на нафта во САД, Русија и членките на ОПЕК, што исто така влијае на вредноста на енергенсот.
Дополнителен протисок врз цената на нафтата претставуваа и прогнозите за успорување на растот на најголемите светски економии, што би довело до намалување на побарувачката на „црното злато“.
Во вакви услови се очекува на заседанието на ОПЕК на 6 декември во Виена да биде разгледана можноста за намалување на дневното поризводство на нафта за меѓу еден и 1,4 милиони барели.
Според експертите ваквата можност е многу веројатна, бидејќи ОПЕК стравува од повторување на 2014 година, кога цената на нафтата забележа драстичен пад, како резултат на значитечно поголемата понуда од побарувачката.
– Следниот состанок на ОПЕК ќе биде клучен за насоката на движење на цената на нафтата во 2019 година. Учесниците на состанокот мора да донесат одлука во услови на зголемен раст на американското производство на нафта од шкрилци и забавеното зголемување на побарувачката на нафта, смета експертот во француската банка „БНП Париба“, Хери Чилингиријан.
Производствоот на нафта од шкрилци во САД минатата недела достигна рекордни 11,7 милиони барели дневно.
Од друга страна, на пазарот на нафта позитивно може да влијае договорот меѓу претседателите на САД и Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг од саботата, дека Вашингтон и Пекинг нема меѓусебно да си воведуваат нови царини во следните 90 дена, во кој рок се обврзаа да преговараат за отворените трговски прашања.