Организиран одмор за работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето-износот од 22.000 денари ќе има и годинава, информира министерот за економија Крешник Бектеши. Мерката е во рамките на Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи во 2019 година, објавена во „Службен весник“ на 23 јануари годинава.
– Со оглед на зголемениот интерес на граѓаните, и оваа година ќе продолжиме со мерката преку која на работниците со ниски примања им се овозможува користење годишен одмор. Владата преку програмата на Министерството за економија, во 2017 година почна да ја спроведува оваа мерка за да му даде поддршка на домашниот туризам, но во исто време и на семејствата со ниски месечни примања да им овозможи да користат одмор во туристичките центри во земјата – рече Бектеши.
Оваа мерка ги постигна резултатите уште во првата година. Во 2018 година беа издадени над 1.700 потврди, што значи дека толку семејства искористија одмор во туристичките места низ државата, што резултира со пораст на бројот на домашни туристи во 2018 година за 12 отсто, во споредба со 2017-та. Притоа, најпосетени места беа Охрид, Попова Шапка, Маврово, Берово и други.
– Оваа година издвоивме 20 милиони денари за оваа цел, така што сите вработени што ги исполнуваат условите месечните примања во семејството да не надминуваат нето-приход од вкупно 22.000 денари ќе имаат право на субвенции од 15.000 денари. Корисниците на овие ваучери ќе имаат на располагање голем број категоризирани хотели во земјата што се претходно пријавени во Министерството за економија и со кои имаме склучено договор за соработка – истакна Бектеши.
Јавниот повик е веќе објавен, а ќе трае до 30 август, додека користењето на годишниот одмор ќе може да се реализира најдоцна до 30 ноември 2019 година. Документите потребни за аплицирање веќе се ставени на веб-страницата на Министерството, како и деталите за потребната документација, а можат да се обезбедат и преку архивата на Министерството.
– По принципот парите кај граѓаните, преку оваа мерка сакаме да им овозможиме на семејствата со ниски приходи, со поддршка на државата да го искористат правото на годишен одмор и, истовремено, да им дадеме поддршка на хотелиерите и угостителите да работат со исполнети капацитети и надвор од туристичката сезона, со што го стимулираме развојот на домашниот туризам – истакна Бектеши.
И според статистичките податоци, бројот на домашни туристи континуирано се зголемува, па во април годинава во однос на април минатата година е зголемен за 6,5 отсто, а на ноќевањата за 3,3 отсто, додека во периодот јануари – април годинава во однос на истиот период од претходната година бројот на домашните туристи е зголемен за 5,4 проценти, а кај ноќевањата реализирани од домашни туристи за 4,4 проценти.