Статистичките податоци покажуваат дека корона-кризата најмногу ги погоди секторите рударство и вадење камен, каде што само во август има пад од 8,9 проценти, и преработувачка индустрија, каде што е регистриран пад од 8,1 отсто, како и секторот снабдување со електрична енергија, со пад од 12,3 проценти
Дека влошувањето на состојбите во стопанството поради корона-кризата не запира потврди деновиве и Државниот завод за статистика со информациите за падот во индустриското производство во периодот од јануари до август 2020 година за дури 13,2 отсто во споредба со истиот период лани. Паралелно на тоа се намалил и бројот на работниците во индустријата, за 4,7 проценти.
Најпогодени сектори, според ДЗС, се рударството и вадење камен, каде што само во август има пад од 8,9 проценти, преработувачката индустрија, каде што падот е 8,1 отсто, и секторот снабдување со електрична енергија со 12,3 проценти пад.
– Намалувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство на прехранбени производи, на пијалаци, производство на текстил, на облека, како и производство на производи од гума и производи од пластични маси, на други неметални минерални производи, на метали, фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, потоа на производство на електрична опрема, производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место, и производство на моторни возила, приколки и полуприколки – пишува во соопштението на ДЗС.
Податоците исто така укажуваат на намалување на бројот на вработени во индустријата во истите сектори каде што се бележи и пад на производството, поточно во секторите рударство и вадење камен, во преработувачката индустрија и во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Претставниците на индустриските компании посочуваат дека неизвесноста и понатаму е присутна и дека е тешко да посочат какви ќе бидат движењата во наредниот период, односно дека поради понатамошното ширење на пандемијата нарачките од странство не се дефинитивни и се е под знак прашалник.
– Сѐ зависи од гранка до гранка, во одредени гранки падот е поголем, во други не толку голем. Кај текстилната индустрија е специфична состојбата, бидејќи сега би требало да се шие за пролет-лето 2021 година, но текстилните фабрики имаат резерви од таква гардероба поради блокадите во март и април. Голем дел од стоката стои во магацините, поради што текстилците не очекуваат нови нарачки и стравуваме од поголеми застои сега во октомври, ноември и декември. Се надеваме дека во владините мерки ќе биде прифатено како параметар за помош на текстилните компании да се земе работењето во есенските и зимските месеци, не во летните – вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија.
Тој дополнува дека покрај секторите хотелиерство, туризам, транспорт и текстилниот сектор, се влошуваат состојбите и во автомобилската индустрија, бидејќи компаниите што во Македонија работат како доставувачи на оваа индустрија веќе укажуваат на проблеми со нарачки.
Претставникот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, посочува дека состојбата со корона-кризата и влијанието врз економијата наметнуваат потреба компаниите да бараат нови начини за пласман на своите производи и да се насочуваат сѐ повеќе кон придобивките што ги овозможува интернет-продажбата.
– Комплексно прашање и комплексен проблем за кој нема едноставно и единствено решение. Сепак, компаниите мора да размислуваат и да бараат нови начини на продажба, особено ако имаат резерви. Сега сите одиме кон дигитализација на работењето, кон промена и адаптации, мора да најдат начин да ги користат придобивките од интернет-продажбите и интернет-комуникацијата. Иако, мора да бидеме реални, сѐ зависи од куповната моќ. Мора да се наоѓаат механизми и начини сѐ што може да се продаде да биде лесно достапно и видливо.
Има компании што работат со производство, но никогаш не правеле терцијално развивање на бизнисот, односно секој производ да стигне до крајниот потрошувач. Затоа сега многу се битни иновативноста и концептот за преструктурирање, особено во вакви услови. Како теорија ова е многу важен сегмент, но мора да сме свесни дека можеби не сите компании имаат можности за преструктуирање и адаптирање. Поради ова спасот мора да се бара и во штедење и во оптимизација на производството за излез од оваа ситуација, која се одолжува – вели Бошков и дополнува дека адаптирањето зависи од фирма до фирма.
Тој посочи дека на средбите со надлежните министри и конфедерацијата дала свои предлози како да се поддржат компаниите при реструктурирањето на производството. Бошков објасни дека одредени компании поради корона-кризата воопшто не работат, бидејќи немаат простор да ги испочитуваат протоколите за заштита од пандемијата. Според него, во ситуации кога самите компании не можат да инвестираат, би требало државата да помогне, за да се овозможат услови за продолжување на работењето.
Гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска-Бежоска, посочи дека иако сѐ уште нема податоци за третиот квартал, сепак краткорочните економски индикатори упатуваат на поумерен пад на економијата во споредба со вториот квартал.
– Неизвесноста е присутна, бидејќи што ќе се случува во економијата зависи и од состојбата со пандемијата и од ефективноста на макроекономските политики. И монетарната и фискалната политика се релаксирачки во овој период, за да се компензира негативниот ефект од шокот со кој се соочуваме од ковид-кризата – истакна Ангеловска-Бежоска и дополни дека за одржливи стапки на економски раст многу е важно да се продолжи со структурни реформи.