Анализите на „Евростат“ покажале дека најголема употреба на социјалните медиуми во секојдневната работа на компаниите има во Малта, додека, пак, најниска во Романија. Какви се состојбите во Македонија
Сè повеќе претпријатија во Европската Унија (ЕУ) во својата тековна работа ги користат социјални медиуми, покажуваат најновите податоци на „Евростат“. Во 2019 година, едно од две претпријатија, или 50 проценти од компаниите, пријавиле дека користат најмалку еден вид социјални медиуми. Ова, како што наведува „Евростат“, значи зголемување од 16 процентни поени од 2014 година кога социјалните медиуми ги користеле 34 отсто од компаниите.
Анализите на „Евростат“ покажале дека најголема употреба на социјалните медиуми во секојдневната работа на компаниите има во Малта, додека, пак, најниска во Романија.
– Употребата на социјалните медиуми беше најпопуларна кај претпријатијата во Малта, каде што таа опфати дури 84 отсто. Потоа следуваат Данска со 75 проценти, па Холандија со 74 отсто, Кипар 73 проценти, Шведска 72 отсто, па Белгија, Ирска и Финска, сите со 71 процент. Спротивно на нив, социјалните мрежи се далеку помалку атрактивни кај претпријатијата во Романија, каде што само 33 отсто од компаниите ги користеле во својата работа. Потоа во Бугарија со 34 отсто, Полска 37 проценти, Унгарија 38 отсто, Летонија 41 процент и Словачка со 42 отсто – наведува „Евростат“ во извештајот.
Статистичката агенција истакнува дека во период од пет години најголем пораст на користењето на социјалните медиуми кај компаниите било регистрирано кај Данска и Луксембург, додека, пак, најмало во соседна Бугарија
– Во споредба со 2014 година, процентот на претпријатија што користат социјални медиуми се зголемија во сите земји-членки на ЕУ со достапни податоци. Највисоки зголемувања се забележани во Данска и во Луксембург, по што следуваат Финска, Шведска и Летонија. Додека најниски се забележуваат во Бугарија, Ирска, Португалија, Романија и Словенија – појаснуваат од „Евростат“.
Според податоците што ги објави „Евростат“, Македонија уште во 2016 година имала висок процент на компании што користеле социјални мрежи во својата работа. Имено, дури 53 отсто од компаниите имаат пријавено дека користат социјални медиуми во својата работа во текот на 2016 година. Сепак, не се знае дали потоа имаме пораст или пад, бидејќи податоци за 2017, 2018 и за ланската 2019 година нема.
Околу значењето и придобивките, кои можат да ги имаат компаниите од користењето на социјалните мрежи, и воопшто од процесот на дигитализацијата, во неколку наврати зборуваше и министерката за финансии, Нина Ангеловска, која истакнува дека дигитализацијата може да ја смени брзината на целото оперативно работење во економијата.
– Се отвораат нови можности за земјите во развој, за раст на домашните компании, особено на малите и на средните компании. Домашните текстилни компании може да ги пласираат своите производи до крајните купувачи онлајн. Но за да може да ги искористат можностите, потребни се капацитети и вештини. И тука државата треба да одигра улога за да им даде крилја на домашните компании, да додадат значајна вредност на нивните производи и да ги пласираат на странски пазари. Голем е и потенцијалот за пораст на вредноста и во земјоделството со модернизација на процесите и вклучување на претприемачите за производство на финални производи со додадена вредност – посочува Ангеловска. Таа истакнува дека во одредени земји дигиталниот идентитет е целосно консолидиран и има примена во секојдневниот живот со крајна цел олеснување на сите постапки. Истакнува дека значењето на технологијата за економијата и услугите што им се нудат на граѓаните од јавните и од приватните субјекти е огромна.