Можност младите да стекнат практично искуство во компаниите и за тоа да бидат платени, а компаниите да добијат кадар профилиран во согласност со нивните потреби, што ќе помогне во намалување на невработеноста кај овие лица, ќе овозможи законот за практикантство што го подготвува Владата.
Компаниите ќе може да ангажираат практиканти во период од еден до шест месеци. За ангажман до три месеци на практикантите ќе им плаќаат до 5.000 денари, а од три до шест месеци минимална плата. За целиот период не се плаќаат придонеси. Претставници на компаниите сметаат дека законското решение е добро и оти ќе им помогне во исто време и на младите за вработување и на компаниите да добијат соодветен кадар.
– Со овој закон сакаме да постигнеме од една страна младите да добијат сознанија што се потребите на економијата и компаниите, а ним, пак, да им се даде шанса и можност таквите млади лица да ги профилираат во согласност со потребите на реалната економија – истакна Анѓушев.
Тој додаде дека на ваков начин младите полесно ќе најдат работа, а компаниите, кои досега не ангажирале практиканти поради непостоење регулатива, ќе добијат кадар соодветен на нивните потреби.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, вели дека практикантството и во европски и во светски рамки дава добри резултати, како и оти и во Македонија се покажало како добра мерка, но дека не била законски регулирана.
– Од 2017 година од 902 млади лица вклучени во оваа програма за практикантство заклучно со 30 јуни 2018 година се вработиле 445 лица или 50 отсто – појасни Царовска.
Потребата за законско регулирање на практикантството, нагласи таа, произлегува од ограничениот опфат на лица преку мерки од оперативни планови. Затоа сега на компаниите што имаат средства, им се дава законска можност да ангажираат практиканти.