Економскиот факултет – Прилеп и универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола работат на имплементација на проектот „Алијанса на знаење во еко-иновативно претприемаштво за зголемување на конкурентноста на малите и средни претпријатија“ во рамките на програмата ИПА – Балкан – Мед.
– Целта на проектот е воспоставување алијанса на знаење помеѓу високообразовните институции и бизнисите заради промоција на еко-иновативно претприемаштво на Балканот со заедничка имплементација на сеопфатен збир од активности посветени на унапредување на иновацијата во областа на менаџментот на еко-иновативното претприемаштво и одржливата економија – вели проектната менаџерка, професорката Марика Башеска.
Една од активностите на проектот е формирање лабораторија за еко-иновативно претприемаштво (ЕИЕ) во рамките на која ќе се одржуваат работилници, кои ќе придонесат за развивање продуктивна дискусија за развој на модули и курсеви за обуки од областа на еко-иновативното претприемаштво помеѓу присутните претставници од академската заедница, бизнис-секторот и студентите како идни претприемачи. Во рамките на ЕИЕ Лабораторијата, Економскиот факултет – Прилеп заедно со претставници од Агенцијата за поддршка на претприемаштвото на РСМ, како партнери во проектот, организираа две работилници за еко-иновативно претприемаштво, на кои стана збор за Националната и европска законодавна рамка за одржлив развој, за менаџмент на енергија и ресурси, развој на фискална и монетарна политика за заштита на животна средина (даноци, дозволи за трговија, стандарди, еко-хартии од вредност), финансиско- сметководствени аспекти на одржливост, одржливи (еко) набавки/договори, циркуларна економија, добри практики за одржлив развој…
Беше посочено дека е важно да има идентификација и евалуација на еко-можностите за претприемаштво, да има корпоративна општествена одговорност, добра оцена на влијанието врз животната средина, оцена на животниот циклус, основи на еко-дизајн, менаџмент на еко-дизајн; еко- трендови во производството и потрошувачката, одржливост на еко-корпорациите, како и финансирање на одржливоста, односно финансиски аспекти на одржливоста. Проектот вклучува и прединкубатор-арена за да ги поддржи новите претприемачи и да им даде можност да ги презентираат и да ги елаборираат своите еко-иновативни идеи со што би се постигнал посакуваниот развој на нови еко-вложувања и заштита на животната средина.