Средните и големите компании се главно оние што имплементираат практики за општествена одговорност, додека оваа практика помалку се применува кај стартап, микро и малите претпријатија. Билјана Јанева од институтот за економски стратегии и меѓународни односи „Охрид“ од Скопје вели дека за наградата за општествена одговорност што се доделува веќе 10 години аплицирале вкупно 173 фирми, главно средни и големи.
– Во Европа дури две третини од сите бизниси се општествено одговорни. Не само што се бараат овие практики, туку кога се применети, тоа им донесува на компаниите дополнително позиционирање на пазарот и поголем број клиенти. Според едно истражување, на над 25 отсто од потрошувачите им е важно компанијата од која ги снабдуваат своите услуги да биде општествено одговорна – истакнува Јанева.
Социјалното претприемаштво во Македонија, исто така, не е доволно развиено, но има позитивни примери.
– Важно е да се знае дека со примената на ова претприемаштво, компаниите нема да изгубат од својот профит, туку тоа е придобивка за нив, бидејќи подобро се пронаоѓаат на пазарот и тоа им е дополнителен маркетинг – вели Јанева. Вчерашната обука беше организирана во рамките на Оперативната програма на Агенцијата за претприемаштво. Слични обуки за општествена одговорност, социјалното и женското претприемаштво ќе се одржат и во Струмица, Куманово, Тетово.
– Нашите врати секогаш се отворени. Сѐ што ќе им треба на граѓаните за стартап-компании, за почеток или за помош им стоиме на располагање. Мислам дека и како агенција треба да сме малку поприсутни во јавноста за да може луѓето да дојдат до нас и да ги искористат бенефициите што им се нудат – изјави директорот на Агенцијата за претприемаштво, Иле Митковски. Е.Р.