Мерките и апликациите за исплата на минимална плата по измените не се толку комплексни, но битно е да бидат прецизно објаснети, за да знаат работодавците за што аплицираат и дали тоа ќе им биде од помош. Токму поради тоа, како што објаснува претседателот на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, многу е важно микро и малите фирми, кои се најмногубројни и се во најтешка ситуација и кои немаат кадровски можности да ги следат сите измени, да имаат здружение преку кое ќе ги добиваат податоците
Компаниите погодени од корона-кризата забрзано собираат документи и аплицираат за владината мерка за исплата на минимална плата за април. По последните измени направени неодамна, претставниците на коморите посочуваат дека сега постапката за аплицирање за поддршката е поедноставена и лесно разбирлива, но укажуваат дека честите измени ги збунуваат и големите компании со посебен сметководствен сектор, а навистина голем товар претставуваат за малите и микрокомпаниите, кои немаат посебни тимови за следење на владините уредби.
– Комората реагира на ригидноста на роковите, кои од старт се поставени без соодветна процена на реалната можност тие да бидат запазени, а од друга страна имаме неподготвени институции и неприспособени системи. Имено, за аплицирањето за втората транша од бескаматните кредити во согласност со условите се бара уверение за платени даноци и придонеси заклучно со 31 јануари, за што системот на Управата за јавни приходи не е приспособен, односно воопшто нема таква техничка можност.
Понатаму, иако рокот за аплицирање за финансиска поддршка на работодавците од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза заради исплата на платите за април и мај започнува на први мај, а имајќи предвид дека има неработни денови поради празникот, има само два ефективни дена за обработка на податоците. Затоа доставивме две барања за продолжување на рокот. Комората реагира и на постојаното менување, дополнување и повлекување на веќе објавените уредби, дополнето со недоволна техничка подготвеност за нивно спроведување, поради што нашите колеги се доведуваат во крајно неповолна ситуација – истакнуваат од Комората на сметководители на Македонија.
По реакциите на компаниите и претставниците на коморските здруженија, рокот за аплицирање за исплата на минимална плата за април е продолжен до седми мај. Од компаниите посочуваат дека со последните измени на постапката за аплицирање за поддршка, голема предност е што сега процесот е значајно поедноставен.
– Од првичните идеи со кои излегоа институциите, постојано нешто се менува. Очигледно дека пишувачите на овие уредби не се многу искусни во ова што го прават. Владата постојано ги менува и условите и обврските што треба да се исполнат за да се аплицира за субвенциите, за тие да бидат применливи. Од првата верзија на мерките досега тие се многу подобрени, затоа што е дообјаснета постапката, скратени се процедурите за земањето на бескаматните кредити, дозволено е по електронски пат да се земаат сите документи потребни за апликацијата од Централниот регистар и од Управата за јавни приходи, за разлика од првата верзија – објаснува Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија.
Димитров додава дека во однос на субвенцијата за минимална плата, последната верзија за нејзино користење е најреална и најдобра и е еден вид компромис и за работодавците и за синдикатите.
– Сега мерките и апликациите не се толку комплексни, но битно е да бидат прецизни, за да знаат работодавците за што аплицираат, дали тоа ќе им биде од помош, и да ги искористат придобивките. Многу е важно микро и малите фирми, кои се најмногубројни,и се во најтешка ситуација и кои немаат кадровски можности да ги следат сите измени, да имаат здружение преку кое ќе ги добиваат податоците. Кај нас во Организацијата на работодавци има повеќе такви организации, кои и преку нас ги добиваат сите измени на законите, но и упатства како да ги користат овие мерки. Затоа е битно малите компании да не останат сами, да се здружат или преку некоја комора или преку ОРМ да добиваат податоци и помош за аплицирање – посочува Димитров.
И претставниците на стопанските комори укажуваат дека сега постапката за аплицирање за минимална плата е полесна за аплицирање и додаваат дека во случај некоја компанија сѐ уште да има тешкотии за аплицирање, Управата за јавни приходи им стои на располагање на сите компании преку онлајн-обуки за дообјаснување и помош како да се аплицира за субвенциите, при што секој има можности да праша што сака.
– Сметам дека оние што ги исполнуваат условите, но имаат технички незнаење ќе ги надминат лесно, бидејќи УЈП е достапна и ќе им помогне на компаниите што немаат технички кадар да ги спроведат бараните постапки или да ги пополнат апликациите – велат претставниците на стопанските комори.