Поевтинувањето на горивата е присутно насекаде во Европа, како и во нашата држава, а транспортерите укажуваат дека тоа само делумно ги ублажува последиците од преполовениот транспорт, намалените цени и зголемените трошоци на превозот наметнати од големата конкуренција на транспортниот пазар, но и од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот
Понатамошното ширење на пандемијата на ковид-19 и на тензиите меѓу Соединетите Американски Држави и Кина негативно се одразува врз цените на нафтата на светските берзи. Од самиот почеток на корона-кризата и постепеното воведување на рестриктивните мерки во земјите што се обидуваат да го сузбијат ширењето на болеста, цените на нафтата на светските берзи се на удар. Иако по првичниот шок и наглиот пад на цените на нафтата следуваше еден период на стабилизација, која беше резултат на договорите за намалување на производството на нафта, деновиве цената на црното злато повторно е во надолна линија. Светските експерти укажуваат дека случувањата со пандемијата, тензиите меѓу САД и Кина, намалените производствени активности низ земјите, како и намалените летови се главните причини за новото намалување на цените. Сепак, како ќе се одразат новите цени на нафтата врз домашната економија е доста неизвесно. Инволвираните укажуваат дека промените на цените на нафтата не можат позитивно да влијаат пред сѐ поради организациските проблемите што се наметнаа од самиот почеток на корона-кризата.
Намалени цените, зголемени трошоците за транспорт
– Во услови кога имаме зголемен број денови за вршење одреден превоз, чекање повеќе денови за да се најде повратен превоз или возење поголем број километри со празно возило за да се обезбеди превоз, се елементи што укажуваат на неможноста да се заработува за обрт како што беше пред пандемијата, бидејќи во практика трошоците се зголемуваат. Возилото и кога стои троши минимум 50 евра, па затоа сега во овие услови на вршење на дејноста единствениот спас е во намалените цени на нафтените деривати и би било позитивен чекор за новата влада да ја укине акцизата, која дополнително се наплатува од дизелот каде што превозниците се најголеми потрошувачи – вели Билјана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата на транспортери „Макам-транс“.
Муратовска посочуваа дека намалувањето на цените на горивата е присутно насекаде во Европа и во нашата држава, и додава дека тоа на некој начин ги ублажува последиците од намалените превозни цени наметнати од големата конкуренција на транспортниот пазар споредено со понудената стока за превоз.
– Превозниците по дефиниција се први што ги чувствуваат последиците од секакви кризи и од променливи временски услови затоа што се гранка што дава услуга, а тоа значи дека нема можност за резерва на производ и чекање на подобри услови за работа, напротив услугата се консумира во моментот на случување. Во овој период превозниците, а пред сѐ професионалните возачи, се соочија со голем број предизвици од аспект на голем број застои, контроли, конвои, чекање долг период за пронаоѓање повратни превози, ад хок донесени забрани од одредени држави (Грција, Италија и сл.) што резултира со дополнителни трошоци за барање алтернативни патишта или враќање на појдовната точка – објаснува Муратовска.
Таа дополнува дека проблемите сѐ уште се присутни, обемот на работа за повеќето превозници е намален, а кај сите превозници се зголемени финансиските последици бидејќи цените на превозот се намалени како последица на влијанието на пазарната економија.
Преполовен бројот на превози
Бидејќи заживувањето на стопанството насекаде во Европа и на светско ниво се движи бавно, транспортерите укажуваат дека бројот на превози што котираат на транспортната берза за разлика од пред пандемијата е преполовен, што дирекно се одразува и на превозниците оти конкуренцијата на европско ниво е огромна. Посочуваат дека дополнителна предност за европските транспортери е што дел од државите спроведуваат заштитни мерки за домашните превозници и приоритет им даваат на своите превозници.
– Ефектот од пандемијата е негативен во секој случај, но би бил уште поголем ако во целост се запреше какво било движење на стоки меѓу државите. На овој начин се овозможи превозот на стока да се одржува и превозниците да остваруваат минимални средства за преживување. Во согласност со информациите што ги имаме поголем број превозници добија средства за исплата на минимална плата, дел добија и кредити, но исто така има и голем број што не се осмелуваат да земат какви било средства оти се свесни дека ќе мора да ги вратат.
Голем проблем имаа компаниите со предходно земените кредити за набавка на возила, кои, за жал, се обременети со дополнителна камата, која ќе мора да ја враќаат. Превозниците во овој период се соочија и со трошоци за регистрација на возниот парк, обезбедување зелени картони и други сертификати што им се неопходни за работа, а не беа во согласност со некоја уредба со продолжен рок на важење. Исто така голем товар беше и одлуката за зголемување на акцизата со што се намали ефектот од намалените цени на горивата. Поради оваа причина беше изразен и револтот на превозниците со организираниот протест во Скопје, затоа што зголемување на акцизата за три денари, значеше зголемување на цената на нафтените деривати без разлика на падот на цените на светската берза и дирекно влијаеше на остварувањето позитивни резултати во услови кога цените на превозот падна драстично на европско ниво – појаснува Муратовска.