Иако температурите овој месец надминуваат 40 степени Целзиусови, сепак, честопати можат да се забележат работници на отворено и тоа во најтоплиот дел од денот. Апелот на надлежните да се прави пауза со работа на отворено во периодот од 11 до 17 часот не го почитуваат ниту работодавците ниту работниците. Граѓаните се сведоци на континуирано и забрзано работно темпо на работниците на отворено, а со сличен интензитет работат и пазарџиите, кои остануваат цел ден на своите тезги, но и земјоделците, кои исто така работат на отворено. Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) порачува да се почитуваат мерките и препораките за заштита на работниците што работат на отворено.
– Синдикатот апелира да се почитуваат препораките за заштита на работниците што работат на отворено како што се градежните работници, земјоделците, градинарите, работниците во сообраќајот, работниците што изведуваат теренска работа, продавачите на отворени пазари, пожарникарите, полицајците, војниците, како и оние што работат на други работни места, кои се со ризик од изложеност на високи температури. КСС евидентираше работа во централното градско подрачје во период кога не се препорачува работа на отворено и за истото тоа го извести Државниот инспекторат за труд. Исто така можеше да се забележи дека и на други места низ главниот град во периодот на прогласен топлотен бран многу работници работеа, а работодавците не ги почитуваа препораките на Министерството за труд и социјална политика, ниту препораките и апелите од синдикатите – нагласуваат од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.
Од КСС додаваат дека досега ниту еден работник се нема обратено до синдикатот да пријави непочитување на препораките за работење во периодот кога не се препорачува работа на отворено.
– Апелираме до работниците да пријавуваат непочитување на препораките, за да можеме ние како синдикат да знаеме кои работодавци не ги почитуваат препораките и во име на работниците да пријавиме до надлежниот инспекторат, како и да се обратиме директно и до работодавците – додаваат од КСС.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека водат грижа за правата од работен однос на сите работници во државата, и истакнуваат дека се залагаат за почитување на Законот за безбедност и здравје при работа затоа што човечките ресурси се најважниот потенцијал на државата.
– Сојузот неколкупати ги повика сите работодавци, во услови кога целата територија на државата е зафатена со температури од жолта предупредувачка фаза, да ги почитуваат мерките предвидени со акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението. Укажавме дека сите работници што работат во услови на високи температури, се изложени на опасност од појава на топлински стрес, кој претставува физичка и физиолошка реакција на работникот на температурата на која е изложен на неговото работно место – истакнуваат од ССМ.
ССМ истакна дека во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа, работодавецот е должен да обезбеди соодветни услови на работа што нема да им го загрозат животот и здравјето на работниците.
– Апелираме доколку не се почитуваат правата за здрави и безбедни услови за работа, работниците да се обратат до синдикалниот и претставникот на работниците за БЗР. Во случај на непреземање мерки од страна на работодавците, работниците, односно нивните претставници, имаат право да побараат интервенција од Државниот инспекторат за труд.
Очекуваме брза и ефикасна контролата за спроведување на обврските во согласност со Законот за БЗР од страна на инспекциските органи. Синдикатот ќе реагира, односно ќе преземе активности пред надлежните органи на секое укажување на нашите членови за повреда на нивните права во областа на безбедноста и здравјето при работа – истакнуваат од ССМ.
ССМ е отворен за соработка со ДИТ за заеднички активности и за дејствување во насока на обезбедување здрави и безбедни услови за работа на работниците, особено во овој период на високи температури.
Завчера, по пад од кран, загина работник од приватна фирма, кој ги чистел прозорците на зградата на Фудбалската федерација на Македонија. Претходно во рок од само неколку дена се појавија информации во медиумите дека еден работник загинал при пад од градилиште во Радишани, а двајца биле повредени откако паднале од објект во изградба во Скопје. По несреќата двајцата биле однесени во клиниката „Мајка Тереза“, при што кај едниот градежник биле утврдени тешки телесни повреди, а другиот бил полесно повреден. Иако сѐ уште се утврдуваат причините за несреќата, сепак, големи се шансите кон неа да придонеле несоодветните услови за работа, меѓу кои и високите температури, кои можат да предизвикаат зашеметување. За несреќата бил известен трудов инспектор, а надлежните институции треба да утврдат кои се причини за неа.
Сепак, ваквите ситуации уште повеќе укажуваат дека мора да се почитуваат препораките за неработење за време на предупредувачки фази, особено на работници што се секојдневно изложени на сонце.