Правилата за снабдување со топлинска енергија, со кои се уредуваат општите услови и начинот на снабдување како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот и на операторот, треба да бидат донесени до крајот на февруари наредната година
Граѓаните што не добиваат топлинска енергија, а плаќаат паушал за неа и во следниве месеци ќе мора да одвојуваат средства за услуга што не ја добиваат. И покрај ветувањата на владејачките партии во предизборниот период, но и откако беше формирана Владата, дека паушалот ќе биде тргнат, неговото укинување заглави.
Од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат дека се работи на новите правилници за топлинска енергија и тие треба да бидат донесени до крајот на годината. Од РКЕ додаваат дека правилата за снабдување со топлинска енергија, со кои се уредуваат општите услови и начинот на снабдување со топлинска енергија како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на топлинска енергија и операторот на дистрибутивниот систем, во согласност со новиот Закон за енергетика, треба да бидат донесени до крајот на февруари наредната година.
– При изготвувањето на правилата, Регулаторната комисија на транспарентен начин во согласност со деловникот за работа ќе ги вклучи сите заинтересирани страни, кои можат да придонесат со давање свои забелешки, мислења и коментари – велат од комисијата.
Ова упатува на заклучок дека до крајот на февруари граѓаните ќе плаќаат паушал, иако се надеваа дека тој веќе ќе биде укинат.
Во изминативе години, по воведувањето на паушалот, граѓаните протестираа пред регулаторното тело, па дури и ја оспорија одлуката пред Уставен суд, но нивните напори не резултираа со укинување. Претставниците на здружението „Но парасан“, кои се организатори на протестите и поведуваат постапки за оспорување на одлуката за паушалот, велат дека иако можеби не се постојано присутни во јавноста, не застанале со обидите за укинување на одлуката.
– На уставен суд се оспорува еден дел од правилникот за снабдување со топлинска енергија, кој е донесен во 2012 година. Ние го оспоруваме членот со кој граѓаните се обврзани да склучат договор, што го нема никаде во светот. Со него граѓаните беа натерани да склучат договор со конкретна компанија која е единствена што ја нуди услугата. Тука не реагира ниту Комисија за спречување корупција, ниту Дирекција за заштита на лични податоци, бидејќи на многу граѓани им беа и украдени личните податоци за да им се достават сметки, без склучен договор – вели Марјан Ненов, претставник на „Но парасан“.
Тој објаснува дека Уставниот суд има донесено само една одлука во 2009 година со која беше поништен сличен обид за воведување паушал од страна на советот на градот Скопје. Тој потсетува дека била донесена одлука да се наплаќа паушал од граѓани што не живеат во станот, но истата таа била укината од Уставниот суд.
– Со одлуката во 2009 година, стана јасно дека не може да се наплаќа нешто за кое не добивате повратен ефект. Но по воведувањето на новите правила во 2012 година, кога повторно беше оспорена одлуката на Уставен, судот одбегнува да донесе одлука. При секоја иницијатива за укинување на одлуката, тие се прогласуваат за ненадлежни. Не носат никаква одлука, ниту таква со која би се потврдило дека одлуката за паушал е правна и дека мора да се почитува – додава Ненов.
Исклучените граѓани неколку години протестираа против одлуката да плаќаат паушален надомест, а како продолжение на својата борба најавуваат и тужба пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Од здружението „Но пасаран“ велат дека ќе продолжат со протести секоја сабота пред регулаторното тело, и со поднесување иницијативи за укинување на одлуката пред Уставен суд.
– Ние бараме поништување на правилникот, за граѓаните да можат да си ги добијат своите права на суд. Ако Регулаторна го поништи правилникот, граѓаните имаат право на ревизија на судските постапки, а со тоа ќе можат да бараат обесштетување од компанијата или од државата – додава Ненов.
Се проценува дека околу 12 илјади стана во Скопје се исклучени од топлотниот систем, но имаат обврска да плаќаат паушал, бидејќи, според објаснувањето при неговото воведување, тие се дел од колективен систем за парно и цевководите минуваат низ нивните станови. Приходите што доаѓаат по основа на наплата на фиксниот надомест за топлинска енергија изнесуваат околу 70 милиони денари на годишно ниво. Процентот на наплата на фиксниот надоместок се движи од 80 до 85 отсто.
Професорот Константин Димитров посочува дека одлуката за паушалот за парно зависи од организирањето на наплата на потрошувачката на енергијата.
– Ако во еден голем станбен објект, на пример со 100 стана, има еден мерач за испорачана топлинска енергија, кој мери колку енергија влегува во објектот, таа се распределува во согласност со квадратурата на становите на сите потрошувачи. Доколку 10 отсто од нив не се греат на топлинска енергија, онаа сума што ќе се наплати од нив треба да се одбие од вкупно наплатената сума, односно од сумата што ја плаќаат корисниците на услугата – вели Димитров.
Професорот додава дека компанијата што испорачува топлинска енергија, и која наплатува од исклучените станови, сумата од паушалот треба да ја внесе во трошокот што се наплатува од граѓаните, кои користат топлинска енергија. Според него, оваа проблематика може да ја реши Регулаторната комисија за краток период, со неколку одлуки.
– Потрошената енергија мора да се плати, бидејќи била испорачана енергија и била обезбедена услуга. Но, парите треба да се вратат кај граѓаните што се загреваат, а не да бидат чист профит за компанијата. Регулаторна треба да го провери начинот на кој се формираат сметките и дали од корисниците, на кои им се наплатува енергијата, се одбива паушалот – додава Димитров.
Струја или парно?
Прашањето како е поисплатливо или поевтино да се загрева еден стан постојано ги мачи граѓаните. Ниските приходи на граѓаните постојано им ја наметнуваат проблематиката како да се стопли домот, а притоа да се потрошат најмалку пари.
Доколку земеме дека просечен стан би бил околу 70 квадратни метри, и тој се загрева на топлинска енергија, за него месечната сметка би се движела околу 2 илјади денари. Што значи за цела година сопствениците би платиле 24 илјади денари.
За споредба, истата квадратура доколку би се загревала на струја, со сопствено парно, месечно сметките би се движеле од 6 до 8 илјади денари. Ако речеме дека се греат интензивно пет месеци со просечна сметка од 7 илјади денари, нивниот годишен трошок само за загревање би се движел околу 35 илјади денари. Секако, сумата и во двата случаја е променлива зависно од надворешните температури, квалитетот на изолацијата, потрошувачката на енергија зависно од желбите за висината на температурата што се постигнува во објектот. При загревањето на домовите на струја денес веќе имаме поевтини и поштедливи начини од парното, но притоа мора да се знаат целите на сопствениците, односно колкава е посакуваната температура во објектот.