Трендот на иселување на младите има земено голем замав - Фото: Игор Бансколиев

Сумата од 20.000 евра што Владата им ја нуди на земјоделците помлади од 40 години е сосема солидна, но кој ќе ги користи тие средства кога селата ни се веќе значително испразнети, а многу и изумрени, велат упатените

Драстично расте поддршката за инвестиции на млади земјоделци во обид тие да се задржат во руралните средини и да се поттикнат да се занимаваат со оваа дејност. А дали поддршката ќе придонесе да се задржат младите во селата е навистина тешко прашање, особено ако се има предвид дека само 12 отсто од регистрираните земјоделци се помлади од 40 години.

Во тек е огласот за поддршка на земјоделците, до 40 години, кои сакаат да инвестираат во изградба, доградба или во опремување објекти за преработка на сите типови земјоделски продукти. Од Министерството за земјоделство посочуваат дека интересот за овој тип поддршка е голем, а упатените во проблематиката велат дека е добредојден.

– Интересот е несомнено голем, со оглед на тоа дека се работи за неповратни средства со кои земјоделците ќе добијат поддршка за инвестициите во оранжерии, објекти, пластеници и опрема за активности по берба и преработка на примарни земјоделски производи. Во претходните две години се склучија 526 договори со млади земјоделци за инвестиции во земјоделска механизација и опрема. Интересот на апликантите, потпишаните договори и исплатената поддршка говори за заложбата на Министерството да ги поттикне младите да инвестираат во аграрниот сектор и да произведуваат храна за сите генерации – објаснуваат од Министерството.
Според претставниците на земјоделците, мерката е добредојдена за нив, но сепак, сметаат дека е добра ако се оствари, искажувајќи сомнеж за реализацијата бидејќи селата се одамна испразнети и тешко е да се најде каков било земјоделец, а не пак под 40 години.

– Веќе е практика пред избори да се промовираат разни мерки за поддршка на земјоделците, па така и овој пат. Сумата е навистина солидна и иницијативата, ако не се гледа низ призмата на изборите што доаѓаат, е сосема солидна, но дали истата таа ќе се реализира. Кој ќе ги користи тие средства кога селата ни се веќе значително испразнети, многу и изумрени. Сите заминаа во странство, нема веќе ниту возрасни земјоделци, а не па млади. Еве јас имам имот што го работам во Новаци, не можам да најдам соработник ниту за висока дневница, едноставно нема луѓе – посочува Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци.

Според единствениот регистар на земјоделски стопанства, регистрирани се вкупно 171.451 земјоделско стопанство, од кои за 20.854 носители се млади земјоделци.
– Очекуваме дека на долг рок, со мерките како „Млад земјоделец“, ќе се зголеми бројот на стопанства каде што носители на истите тие се земјоделци од 18 до 40 години. Висината на финансиската поддршка е зголемена поради досегашниот интерес на младите земјоделци. Кога гледаме дека има млади луѓе што сакаат да се занимаваат со земјоделство, наше е да им обезбедиме услови. Изминатите години покажаа дека сумата од 10.000 евра e добредојдена помош, но не е доволна за сериозно земјоделство. Доколку некој сака сериозно да се занимава со земјоделство, потребни се повеќе пари за да можат да набават помошна опрема, да изградат објекти, пластеници, преработувачки капацитети, да инвестираат во маркетинг и брендирање на своите производи, да воведат стандарди, да ангажираат консултанти… Затоа сумата ја дуплиравме и сега изнесува неповратни 20.000 евра – појаснуваат од Министерството.

Сепак, упатените искажуваат сомнеж околу мерките за еднократна помош за младите бидејќи трендот на иселување на младите има земено голем замав.
– Еднократната помош сигурно ќе има некаков ефект, но дали таквите се доволни да ги задржат младите. Има многу проблеми во земјоделството, кои со ваквите мерки не се надминуваат. Цените на репроматеријалите се многу високи, земјоделец што би вложил во технологија, тешко ќе ги покрие основните трошоци и затоа тешко се одлучуваат да останат тука и да работат земјоделство. Потребни се системски мерки околу целокупното земјоделско производство. Сега капиталот оди не кај производителот, туку кај преработувачите. И токму во таа насока треба да се насочува земјоделската политика, да има реална соработка меѓу производителите и преработувачите – појасни професорот по земјоделски науки Илија Каров.


Со поддршка до сопствен бизнис

Со поддршката наменета за млади земјоделци, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство цели кон поддршка на оние што имаат регистрирано земјоделско производство, но и да создаде услови за оние што сакаат да започнат сопствен бизнис и сериозно да се занимаваат со него.

– Македонија располага со идеални услови за земјоделско производство, 280 сончеви денови, плодна почва, чиста вода. Ако на ваквите услови, кои ни ги подарила природата, ги додадеме мерките што ги креираме за поддршка на земјоделците, реални се очекувањата дека можеме да го следиме светскиот тренд за живот надвор од големите градови, во чиста и незагадена околина, а истовремено и да се има сопствен одржлив бизнис. Со растот на цената на органски производи, станува примамливо за земјоделците да одгледуваат вакви продукти – објаснуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека преку капитални инвестиции за подобрување на животот во руралните средини се имплементираат над 200 проекти за подобрување на инфраструктурата како изградба на системите за снабдување со вода, изградба на канали за наводнување, изградба на рурална инфраструктура, реконструкција и асфалтирање на селските улички, на локални и регионални патишта, кои поврзуваат две соседни села или село со град, изградба на водовoд и канализациска мрежа во рурални средини, изградба на рекреативни содржини и партерно уредување на туристички примамливи локации.