Од евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика се потврдува дека годинава бројот на енергетски загрозени граѓани во земјава значително е зголемен. Па, така, бројот на корисниците на паричен додаток во висина од 1.000 денари месечно, за покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенти во домаќинството, во септември годинава изнесувал 29.620, додека во јануари годинава биле регистрирани 27.936 корисници
Како резултат на пандемијата, односно корона-кризата што ги загрози сите пори на општественото живеење, вклучувајќи го и стопанството и меѓу другото зголемувајќи ја и невработеноста, бројот на енергетски загрозени граѓани е во пораст. Таквиот факт е регистриран во евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика. Во тој контекст, бројот на корисниците на паричен додаток во висина од 1.000 денари месечно, за покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенти во домаќинството, според последните официјални податоци за септември годинава, изнесувал 29.620, додека во јануари годинава биле регистрирани 27.936 корисници.
– Со започнување на кризата предизвикана од ковид-19 од страна на Владата на Македонија се донесени уредби со законска сила, со кои паричниот додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенти во домаќинството, корисниците на гарантирана минимална помош го остваруваат до месец декември 2020 година за намалување на ризикот од сиромаштија. Средствата потребни за овој вид паричен додаток се обезбедени преку буџетот за сите корисници на правото на гарантирана минимална помош и социјална сигурност – информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму објаснуваат дека Владата на 1.9.2010 година донесе Програма за субвенционирање на потрошувачката на енергија, а корисници на оваа програма беа домаќинствата на социјална парична помош и постојана парична помош. Висината на субвенцијата што корисниците ја добиваа со секоја платена сметка имаше тенденција на зголемување, започнувајќи од 600 денари во 2010 година за истата таа да ја достигне висината од 1.000 денари во 2018 година.
– Секаква помош е добредојдена за граѓаните, особено сега во овој период кога започна и грејната сезона. Но сите мора да знаат дека струјата е скап енергент и затоа секој внимателно треба да ја троши и да внимава дали е на скапа или евтина тарифа. Граѓаните знаат дека право на оваа парична помош имаат само одредени категории корисници на помош и своите барања ги доставуваат во подрачната единица на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – вели Данчо Арсов од Општина Шуто Оризари.
Предходно, надоместокот за субвенција за потрошена енергија на корисниците им беше исплаќан на месечна основа, и тоа со доставување доказ за платена сметка за електрична енергија или на сметкопотврда за некој вид енергент до месниот надлежен центар за социјална работа со барање за рефундирање на средствата во висина на предвидената субвенција. Со донесување на новиот закон за социјалната заштита, на 23.5.2019 година, овој вид субвенција се воведува како паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенти во домаќинството за сите корисници на правото на гарантирана минимална помош во текот на шесте зимски месеци за покривање на трошоците за греење, поточно за месеците од октомври до март, во висина од 1.000 денари месечно, без притоа да поднесуваат платени сметки за енергенти. Со тоа, како што акцентираат од Министерството, се воведе еднаквост во можноста за користење на овој додаток од страна на сите корисници што спаѓаат во категоријата на ранливи потрошувачи на енергија.
– За зголемување на опсегот на корисници што спаѓаат во категоријата на ранлива група потрошувачи на енергија, е донесен Закон за социјална сигурност за старите лица, во кој е предвиден паричен додаток за потрошувачка на енергенти во домаќинството и за старите лица корисници на ова право. Висината на паричниот додаток е иста како и за корисниците на гарантираната минимална помош во висина од 1.000 денари помош во текот на шесте зимски месеци за покривање на трошоците за греење, поточно за месеците од октомври до март – дообјаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.