Технолошките процеси, особено дигитализацијата, значително се забрзани поради што се очекува сѐ повеќе да се применуваат нови технологии и нови начини на работење. Тоа пак, меѓу другото, би можело да резултира и со забрзување на процесот на преминување на работниците од неформалниот во формалниот сектор, односно со намалување на сивата економија, како еден од очекуваните мошне позитивни ефекти на кризата
Пандемијата на коронавирусот и штетите што таа ги создава врз стопанствотo поради мерките за заштита на јавното здравје, сѐ повеќе ги менуваат економијата и начинот на кој таа досега функционираше. Повеќето светски економски институции, но и домашните економисти укажуваат дека технолошките процеси, особено дигитализацијата, значително се забрзани поради што се очекува сѐ повеќе да се применуваат нови технологии и нови начини на работење. Тоа пак, меѓу другото, би можело да резултира и со забрзување на процесот на преминување на работниците од неформалниот во формалниот сектор, односно со намалувањето на сивата економија, како еден од очекуваните мошне позитивни ефекти на кризата.
Во една од анализите изработени од економистите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) се истакнува дека појавата на пандемијата, од една страна, го наруши досегашниот начин на живеењето и работењето, но од другата, ги поттикнала земјите да спроведат значителни промени, кои според нив, доколку не се случеше пандемијата, би траеле со години. Една од големите промени е во доменот на третманот на работните места, како во формалната, така и во неформалната економија.
Имено, претставниците на ММФ посочуваат дека во соработка со Светскиот економски форум ги разгледувале иднината на работните места и економските можности, при што било заклучено дека реформите во земјите мора да се фокусираат на создавање поквалитетни и повеќе работни места.
Дигитализацијата како фактор што ги поттикнува промените
Дека дигитализацијата или промените во економијата се случуваат и во Македонија се потврдува и низ работењето на одредени ИТ-компании, кои изминативе месеци функционираат со зголемен обем. Токму ваквите промени, според надлежните, се показател дека ИКТ-секторот е важен за економскиот развој на земјата, но и општо за дигитализацијата како процес во сите економски сектори.
– Оваа криза нѐ принуди да направиме чекор напред во дигитализацијата на сите процеси, а претходно голем број од компаниите велеа дека не се подготвени за вакви промени. Од една страна, за економијата е навистина тешко што сме во ваков период, а од друга страна, ме радува што стануваме сѐ повеќе свесни за значењето на дигитализацијата, за унапредување на производствените процеси и креирање услуги што побрзо стигнуваат до оние на кои им се потребни. Ова е добар момент да го фатиме чекорот со светските трендови и со развиените западни економии – кажа вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Освен придобивките од технолошкиот развој, за претставниците на ММФ исто таке е значајно државите паралелно со развојот на технологијата да обезбедат и фер услови за сите лица што работат на неформални работни места, односно за работниците во сивата зона. Во согласност со изјавата на директорката на ММФ, со нивното целосно искористување и работниците и државата ќе имаат корист.
– Политиките насочени кон луѓето можат да ја зголемат продуктивноста, особено ако инвестициите ги зголемуваат способностите на работниците на неформални работни места и со ниски вештини. Овие работници веќе се соочуваат со пониски плати, помала сигурност во работата и малку капацитет да заштедат за „дождлив ден“. Кога се појави пандемијата, повеќето не можеа да работат далечински и се справуваа со слаби безбедносни мрежи, преполни услови за домување и ограничен пристап до добра здравствена заштита. Ако секоја земја инвестира во остварување на целосниот потенцијал на овие работници, целото општество ќе има корист – посочи Кристалина Георгиева, извршна директорка на ММФ.
Македонија, со речиси 40 отсто сива економија, е мошне ранлива
Македонија се карактеризира со голем процент на сива економијата, проблем за кој во неколку наврати укажуваа и претставниците на ММФ при посета на нашата земја. Според нивните анализи, уделот на сивата економија во севкупниот економски сектор во Македонија достигнува 37,6 проценти. Тоа нѐ сместува на четвртото место во регионот во Југоисточна Европа, а зад нас се Косово, Црна Гора и Бугарија. На подобра позиција на рангирањето на степенот на сива економија се Хрватска, Романија, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Турција и Албанија.
Претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија долго време гласно повикуваа и бараа од надлежните институции да преземат итни и решителни мерки за сузбивање на сивата економија. Според нив, овие мерки ќе бидат дополнителна поддршка што повеќе и ладата може да ја обезбеди за намалување на несаканите ефекти од здравствено-економската криза за оние што работат регистрирано.
– Со отстранување на нелојалната конкуренција на пазарот од оние што работат нерегистрирано и не дотираат во буџетот, ќе им се помогне на претпријатијата во тешка состојба. Mалите и средните претпријатија што претставуваат повеќе од 99 отсто од регистрираните активни субјекти, со 65 отсто учествуваат во бруто-домашниот производ и обезбедуваат повеќе од 80 отсто од работните места во приватниот сектор, се најранливи на ефектите од економските шокови како во случајов со здравствено-економската криза, но и најмногу штета трпат од неформалната економија. Според анализите на релевантните национални и меѓународни институции, речиси 40 отсто од деловната активност во земјава е во полето на сивата економија. Дополнителен проблем е што од 1 јануари оваа година од 45 на 90 евра се зголеми вредноста на малите пратки што може да се увезат во земјава без да се плати царина, состојба што се злоупотребува од нерегистрирани трговци, а за истото тоа не постои меѓуинституционален систем на следење, со што сивата економија стана уште поголема конкуренција и проблем за регистрираните претпријатија – велат од ССК.
Кризата не трпи нелојална конкуренција
Од сојузот сметаат дека фокусот на Владата наредната година треба да биде ставен на борба со сивата економија и со корупцијата, паралелно со мерките за економска поддршка на стопанството.
– Справување со сивата економија е да се најдат и да се стават во систем оние што нерегистрирано работат и заработуваат милионски профити и затајуваат данок, со што со нелојална конкуренција на пазарот и едновремено го оштетуваат државниот буџет. Најдобар механизам е доследна имплементација на Законот за забрана на вршење на нерегистрирана дејност, по кој до овој момент институциите не постапуваат. Предлагаме да се почне постапка за доброволна регистрација во прва фаза за нерегистрираните субјекти, а доколку одбијат да се регистрираат да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби. Доколку не се превенира оваа нелојална конкуренција на пазарот, особено во време на криза, се ризикува даночна евазија и премин на активностите во сивата зона и на регистрираните претпријатија – истакнуваат од ССК.