Овој метал, покрај златото, среброто и платината, е еден од скапоцените метали со широко распространета употреба во стопанството. Најбаран е во автомобилската индустрија, а инаку се користи во производството на накит, електроника, градежни материјали и во медицинската индустрија
Вредноста на паладиумот на светските берзи континуирано расте и се очекува наскоро да ја достигне својата највисока вредност во историјата, иако овој скапоцен метал веќе се откупува по цени повисоки и од златото. Според светските анализи, во текот на изминатата недела една унца паладиум се продавала по 1.940 американски долари, што е за 54 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година. Покрај тоа, експертите очекуваат дека неговата вредност ќе продолжи да расте и ќе достигне 2.020 американски долари за унца до почетокот на 2020 година. До оваа недела, најголема вредност на паладиумот беше забележана во 2011 година, кога една унца чинеше 1.921 долар.
Светските економски аналитичари посочуваат дека порастот на вредноста на паладиумот делумно се должи на недостигот од електрична енергија во рудниците во Јужна Африка, што доведе до зголемена побарувачка на пазарот. Даниел Брисман, аналитичар во германскиот Комерцбанк, смета дека растот на вредноста на паладиумот е само почеток.
– Во моментов, се чини дека ништо не може да го спречи растот на цената на паладиумот – рече Брисман за „Економски тајмс“.
Овој метал, покрај златото, среброто и платината, е еден од скапоцените метали со широко распространета употреба во стопанството. Во моментов е најбаран во автомобилската индустрија, а инаку се користи во производството на накит, електроника, градежни материјали и во медицинската индустрија.
Сепак, во последниве години истиот тој е најпопуларен во автомобилската индустрија, поточно во автомобилските системи за контрола на издувните гасови. Бидејќи катализаторите од паладиум се користат во уредите за контрола на издувните гасови, а тие станаа популарни благодарение на зелените политики што ги воведуваат европските земји.
Ова е деветта година едноподруго како Русија и Јужна Африка, најголемите производители на паладиум во светот, не успеваат да ги задоволат потребите за побарувачка на овој метал на пазарите низ светот, поради што цените постојано растат. Проценето е дека овие две земји имаат најголеми резерви на паладиум, одделно секоја од нив има од 30 до 40 проценти од глобалното производство.
Сепак, веќе седма година едноподруго, производството не ја покрива побарувачката на пазарот, особено онаа на автомобилската индустрија, што е уште една причина за порастот на цената на паладиумот. Покрај Русија и Јужна Африка, остатокот од најголемите резерви на овој скапоцен метал се во Канада, САД и во Зимбабве.
Во Македонија во последниве години паладиумот се наоѓа на врвот на најувезувани производи и истиот тој најголема примена има во фабриките поврзани со автомобилската индустрија. Сепак, претставниците на овој сектор посочуваат дека со растот на вредноста на овој метал, само ќе се зголемува вредноста на увозот, а дека директна корист од поскапувањето на паладиумот не може да имаме.
– Генерално, ако поскапува одреден дел што се користи или се вградува во некој друг производ, очекувано е тој производ да поскапи. Па така е и со паладиумот. Штом поскапува металот, со негово вградување во производите ќе порасне и вредноста на крајниот производ, а во согласност со ова, цената ќе ја платат корисниците. Компаниите што користат паладиум во производството ќе имаат поголема вредност на увозот и поголема вредност на извозот, бидејќи тој ќе се увезува по поголема вредност и ќе се зголеми вредноста на трговската размена – објаснува Виктор Мизо, генерален менаџер на „Костал“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Стопанската комора на Македонија (СКМ).
Тој посочува дека, сепак, компаниите што го користат паладиумот во производството нема да имаат голема корист, односно раст на заработката.