Стопанската комора на Македонија бара да се одложи примената на Законот за трговија на зелените пазари, што треба да почне од 1 јануари идната година, поради неможноста да се применат некои негови членови, бидејќи доцна се донесени подзаконските акти и не се дефинирани условите како ќе изгледа лиценцата за вршење дејност.
Како што истакна Даниела Михајловска-Василевска од СКМ, барањето за одложување на Законот минатата недела е доставено до министерот за економија Крешник Бектеши, но сѐ уште немаат добиено одговор. Се надеваат дека во следните две недели ќе имаат работна средба со министерот, зашто, во спротивно, како што велат, примената на законот може да придонесе кон еден вид незаконско работење на организаторите на пазарите.
– Законот е донесен по брза постапка во јануари годинава, а со комората не беше извршена консултација. Се предвидуваше подзаконските акти да се донесат до април, а беа донесени во септември. Сметаме дека три месеци се недоволен период организаторите на пазари да се приспособат на новите одредби и да го усогласат своето работење и дека треба да претрпат сериозни измени неколку члена од законот. Додека не бидат направени измените, законот реално не може да функционира онака како што е поставен сега, поради што сметаме дека треба да биде одложен за некое време – нагласи Михајловска-Василевска.
Таа додаде дека бараат да се прошири кругот на субјекти што можат да тргуваат на зелените пазари и од законот да се отстрани делот што кажува дека трговците поединци не можат да закупат тезга.
– Сметаме дека на тој начин за 30 отсто ќе се намалат бројот на лицата што закупуваат тезги и прометот на зелените пазари. Исто така, барањето за легитимацијата за закупците на тезги да не се поврзува со бројот на тезгата, бидејќи коморските здруженија немаат право да одредуваат кој број на тезга ќе му го даде организаторот на пазарот на закупецот – истакна Михајловска-Василевска. Третото барање од Комората е сите три комори на закупци на тезги да можат да издаваат лиценци за тезги, а не само една, како што е предвидено во законот, и на тој начин да се овозможи плурализам. Четвртото барање е да му се овозможи на трговецот што е носител на лиценцата да може да ја пренесе легитимацијата на член на потесното семејство доколку од објективни причини биде спречен да ја врши дејноста, а петтото е да се предвиди можност со една издадена легитимација да може да се закупат повеќе тезги на ист пазар во иста општина.
Од СКМ посочуваат дека по серијата заеднички интервенции на надлежните институции, полека се напушта трендот на диви пазарџии, иако во Велес сѐ уште претставуваат сериозен проблем и голема нелојална конкуренција на закупувачите на пазарите. Во Македонија има од 20 до 25 илјади закупци на тезги на пазарите. Е.Р.