Намалениот интерес за кредити и кај граѓаните и кај компаниите, веројатно, се должи на политичката ситуација, на постојаната полукризна состојба, велат упатените
Тренд на опаѓање на кредитирањето кај банките, и на населението и на компаниите, регистрирала Народната банка во последната анкета направена во земјава. Иако има олеснување на условите за кредитирање, наспроти очекуваниот раст, банките пријавиле благо намалување на побарувачката на кредити.
– Во третиот квартал на 2019 година, банките укажуваат на минимално нето-намалување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити, наспроти нето-зголемувањето во претходната анкета. Наедно и очекувањата на банките во минатата анкета беа во насока на зголемување на побарувачката на кредити во третиот квартал. За четвртото тримесечје банките укажуваат на раст на вкупната побарувачка, кој е посилен во споредба со очекувањата од претходната анкета – е наведено во соопштението на НБ.
Сепак, дали растот на побарувачката на кредитите ќе се случи во последното тримесечје останува да видиме.
Во резултатите од анкетата на НБРСМ исто така се посочува дека и кај домаќинствата има пад на побарувачката на кредити. Притоа, намалување на побарувачката се забележува кај сите типови кредити за домаќинства.
– Нето-намалувањето на побарувачката на кредити кај секторот домаќинства во третиот квартал е спротивно од очекувањата на банките дадени во претходната анкета, кои беа во насока на нето-зголемување на побарувачката. За четвртиот квартал од 2019 година, банките очекуваат нето-зголемување на побарувачката на кредитите за домаќинства, кое е поумерено во споредба со претходната анкета – соопштија од Народната банка.
Дали намалувањата на барањата за крдитирање се должи на презаситеност на граѓаните и на компаниите од кредити или, пак, на политичката ситуација, која ги кочи економските планови и на бизнис-заедницата и на граѓаните, експертите немаат дилема.
– Во ситуација кога интересот за кредитирање е намален и кај граѓаните и кај компаниите прв впечаток е дека, веројатно, тоа се должи на политичката ситуација, на постојаната полукризна состојба. Анализите што се прават за презаситеност на пазарот покажуваат дека во Македонија сѐ уште има простор за раст на кредитирањето на населението и на стопанството, така што меѓу причините за падот веројатно се последните политички случувања – вели поранешниот професор и гувернер Љубе Трпевски, кој не сакаше да навлегува во прогнози дали и во следниот период може да се очекува пад на интересот за кредитирање.
Во извештајот, меѓу другото, се забележува и дека банките пријавиле олеснување на условите за кредитирање, особено во сегментот каматни стапки.
– Анализирано од аспект на поединечните услови за кредитирање на корпоративниот сектор, најголемо олеснување во третиот квартал се забележува кај каматната стапка. Поголема промена во насока на олеснување, се забележува и кај барањата за обезбедување, за разлика од дестимулативното влијание во претходните два квартала од годината – стои во соопштението.
Конкуренцијата од други банки е еден од факторите што влијае за олеснување на кредитните услови, додека факторите „конкуренција од небанкарскиот сектор“ и „конкуренција од пазарното финансирање“ и натаму имаат мало влијание, кое е во насока на олеснување на кредитните услови.
Кај кредитите за населението има олеснувања на условите кај станбените и кај потрошувачките кредити. За станбените кредити, околу 59 отсто од банките укажуваат на олеснување на кредитните услови, што е највисок процент во последниве пет години. За потрошувачките кредити, пак, околу една третина од банките укажуваат на нето-олеснување на условите за кредитирање, но и натаму најголем дел од банките упатува на непроменети услови.