Инволвираните во меѓуградскиот и во меѓународниот превоз укажуваат дека поради рестриктивните мерки, воведени за спречување на ширењето на ковид-19, со кои превозниците на патници беа обврзани да возат со 50 отсто од капацитетот, граѓаните се принудени да користат нелегални превозници, поради што се зголемува бројот на диви превозници што не ги почитуваат безбедносните протоколи и возат со максимална исполнетост на капацитетот без никој да ги контролира
Рестриктивните мерки воведени за спречување на ширењето на ковид-19, а со кои превозниците имаа обврска да возат само со педесет проценти од својот капацитет, уште повеќе ја поттикнуваат сивата економија во оваа бранша, укажуваат упатените. Според изјавите на инволвираните, граѓаните што нема да успеат да купат билет кај регуларните превозници, се упатуваат кон дивите превозници бидејќи немаат друг начин да стигнат до посакуваната дестинација. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупниот број на превезени патници во патничкиот патен превоз изнесува 10.005 илјади во четвртото тримесечје од 2020 година и во однос на истиот период од претходната година е намален за 51,9 отсто.
– Според видот на превозот, бројот на превезените патници во градскиот превоз е намален за 53,4 проценти, во приградскиот превоз за 48,5 отсто, во меѓуградскиот превоз за 54,8 проценти, а во меѓународниот превоз за 78,6 отсто. Во четвртото тримесечје од 2020 година, во однос на истиот период од 2019 година, вкупниот број патнички километри во патниот патнички превоз е намален за 75 отсто. Според видот на превозот, бројот на патничките километри во градскиот превоз е намален за 86,9 проценти, во приградскиот превоз за 78,6 отсто, во меѓуградскиот превоз за 65,6 проценти, а во меѓународниот превоз намалувањето изнесува 70 проценти – објави ДЗС.
Инволвираните во меѓуградскиот и во меѓународниот превоз укажуваат дека поради рестриктивните мерки, воведени за спречување на ширењето на вирусот, со кои превозниците на патници се обврзани да возат со 50 отсто од капацитетот, граѓаните се принудени да користат нелегални превозници, поради што се зголемува бројот на диви превозници.
– Со одредбата што важеше неколку месеци и со која во автобусите беа пополнети само до 50 отсто од капацитетот, превозниците се принудени да ги враќаат патниците. Ова ги натера патниците што не успеале да купат навреме карта и кои треба да чекаат следен автобус, да користат диви превозници. Некои од корисниците на меѓуградски превоз веќе се насочени кон нелегалните превозници, прашање е дали и како ќе ги вратиме кај пријавените превозници по укинување на рестриктивните мерки – вели Душко Јовановски, раководител на меѓуградската автобуска станица „Скопје“.
Тој истакна дека кај легалните превозници се почитуваат сите протоколи дадени од здравствените власти во насока на овозможување безбеден превоз за патниците.
– Автобусите на превозниците редовно се чистат и дезинфицираат, се внимава строго на протоколите. Наспроти нас, дивите превозници возат со максимално искористен капацитет, а нема кој да ги контролира ниту дали се почитуваат здравствените ниту другите законски одредби – посочува Јовановски и додава дека земјите во околината веќе возат со зголемен капацитет, од 75 до 100 отсто.
И претставниците на туристичкиот сектор посочуваат дека лимитирањето на искористеноста на капацитетот на превозниците е на штета како на превозниците така и на туристичкиот сектор, кој е директно поврзан со превозот на патниците.
– Превозниците на патници во друмскиот превоз беа лимитирани со бројот на искористување на капацитетот на патници на 50 отсто од бројот на места за седење што претставува голем проблем за реализирање патнички аранжман. Радува фактот дека во петтиот пакет ќе бидат вклучени со одреден грант. Знаејќи ја економската моќ на стопанството, па со тоа и на буџетот на Владата треба да бидеме свесни и реални околу нашите барања за субвенционирање, а Владата во рамките на своите можности реално да продолжи со поддршката на овој доста значаен сектор со тоа што не треба ниту во еден момент да ги исклучи и превозниците на патници во слободниот превоз. Да се зголеми бројот на исполнетост на капацитетот на патници до 100 отсто, како што направија и другите држави – истакна Данчо Нацев од туристичка агенција „Арбо травел“.
Владата на Македонија на последната седница одлучи да ја прифати и согласноста на Комисијата за заразни болести по барање на општински и меѓуопштински превозници за зголемување на дозволениот број на патниците од 50 на 75 проценти од вкупниот капацитет во превозните средства.