Реализацијата на проектот Јужен гасен коридор, кој транспортира азербејџански гас до Европа, стана можна благодарение на широката меѓународна соработка, изјави денеска на церемонијата за официјалното отворање на коридорот азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.
– Овој проект се реализира благодарение на широката меѓународна соработка и ќе придонесе за натамошно зајакнување на односите меѓу земјите учеснички – рече Алиев.
Според Алиев, Коридорот има важно значење за енергетската безбедност на Европа, за диверзификација на изворите и правците за дотур на јаглеводородни ресурси.
Тој појасни дека во моментов учесници во проектот се седум земји – Азербејџан, Грузија, Турција, Грција, Бугарија, Албанија и Италија, а уште три балкански земји планираат да се приклучат – Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора.
Алиев, исто така, ја истакна потребата да се обезбеди баланс на интересите на сите земји учеснички – производители, транзитните земји и потрошувачите.
– Сите земји и компании мора да направат профит – рече тој.
Јужниот гасен коридор, проект вреден 40 милијарди долари, ќе минува низ 3.500 километри територија, од Баку до јужна Италија, преку Грузија, Турција, Грција и Албанија. Негови краци се Јужнокавкаскиот гасовод, Трансанадолскиот гасовод и Трансјадранскиот гасовод.
Главен извор на гас за системот е наоѓалиштето „Шах Дениз“ во Каспиското Море, со резерви од 1,2 трилиони кубни метри.
Планирано е во почетна фаза по Јужниот коридор да се транспортираат 16 милијарди кубни метри гас – шест милијарди кубни метри за Турција и 10 милијарди кубни метри за Европа.
Во перспектива, капацитетот може да порасне до 31 милијарда кубни метри.
Отворањето на Трансанадолскиот коридор од грузиско-турската граница до западна Турција, е закажано за 12 јуни, а церемонијата ќе се спроведе на турска територија.