Откупот на тутунот деновиве се одвива со намален интензитет пред се поради студеното време кое не дозволува негова обработка. Досега се откупени повеќе од 16 милиони килограми тутун, што е некаде 65 проценти од произведениот тутун. Просечната цена достигна 210 денари од килограм. Исплатата на паричните средства за откупениот тутун се одвива без проблем. Засега второстепената комисија за евентуални спорни количества тутун за откуп нема работа.

– Проблеми во откупот на тутунот нема, и тече без застој, но со многу намалена динамика. Ова се должи на неповолните временски услови кои не дозволуваат домашна манипулација на тутунот и многу ретко се носи за продажба. Сите откупни пунктови се отворени, а очекуваме уште околу 5 до 6 илјади тони тутун претежно од прилепскиот дел од Пелагонија и тоа од Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Крушево. Во источниот дел на Македонија се очекуваат уште само 500 до 600 тони тутун. Доколку се подобрат временските услови откупот може да заврши до првата половина од февруари – вели Данчо Милески, претседател на Здружението на тутунопроизводители „Мице Козар“ од Прилеп.

Од прилепското здружение апел до откупните компании да ја „олабават“ линијата на проценка доколку сакаат да ги задржат тутунарите за новата реколта, бидејќи производството на тутун неколку години наназад стагнира.

Ка.М.