Откупот на тутунот од реколтата 2018 година е при крај и досега се откупени 90 отсто од договорените количества. Заклучно со 22 февруари, откупени се околу 25 милиони килограми, со просечна цена од 241,34 денар по килограм. Од страна на откупните претпријатија, на тутунопроизводителите досега им се исплатени над 5 милијарди денари, односно 96 отсто од откупените количества тутун.
Во годинешната реколта се засеани 14.802 хектари со тутун, а склучени се 34.104 договори со девет откупни претпријатија. Вкупното договорено количество за откуп изнесува над 29.000 тони тутун, а откупот завршува на 15 март. Годинава има и зголемување на засадените површини со тутун, и тоа за 387 хектари.
За зголемениот интерес големо влијание имаше високата откупна цена на тутунот од реколтата од 2017 година, која изнесуваше 217,60 денари за килограм, како и новиот модел на зголемени субвенции, според кој субвенцијата за прва класа е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.
Новата производствена реколта ќе почне според постојниот Закон за тутун и тутунски производи, односно и оваа година ќе се издаваат евидентните листови, односно т.н. бели картони. Новиот закон за тутун, производи од тутун и сродни производи е во собраниска процедура, а новото законско решение предвидува укинување на евидентните листови, или т.н. бели картони, процес што ќе почне да се применува од 2020 година. Со оваа законска одредба министерството значајно ќе ги намали административните процедури за тутунарите така што тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија.
– Исто така, со предлог-законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се проширува опфатот на уредувањето во однос на постојниот закон за тутун и тутунски производи со три нови глави, во кои се предлагаат одредби за уредување на сродните тутунски производи, и тоа: несогорливи производи од тутун, електронски цигари и растителни (билни) производи за пушење – велат од министерството.
Оттаму додаваат дека производителите и увозниците што ставаат во промет електронски цигари или контејнери за еднократно или повеќекратно полнење, поднесуваат барање за пуштање во промет до Министерството за здравство, за што добиваат одобрение. Е.Р.