Постои забележлив пад на преработувачката индустрија (-5,8%), поради изразените неизвесности во глобалната и во домашната економија, поврзани со растечкото влијание на делта-сојот и забавувачкото темпо на имунизација
Неизвесноста во економијата останува присутна и во четвртиот квартал од годинава поради тековниот бран од пандемијата, забавувањето на темпото на имунизација и појавата на нови соеви на вирусот, како и поради притисоците од растечките цени на храната и енергијата, кои се очекува да бидат присутни и во текот на следната година, оценува институтот за економски политики и истражувања „Фајнанс тинк“ во најновиот макроекономски извештај.
„Фајнанс тинк“ ја задржува проекцијата за раст на БДП за годинава на 4,1 проценти, а проекцијата за следната година, според институтот, е 4 отсто.
Во извештајот се анализира и растот на БДП од 3 проценти во третиот квартал од годинава. Според „Фајнанс тинк“, ваквиот раст се должи на консолидацијата на економските текови и напредувањето на имунизацијата, но сепак, како што посочува, растот е остварен на сѐ уште ниска споредбена основа од третиот квартал од 2020 г., во кој економијата се намали за 5,1 проценти по владината интервенција за ублажување на ударот од пандемијата.
– Според дејности, растот во третиот квартал од 2021 г. е на широка основа, но со забележлив пад на преработувачката индустрија (-5,8 отсто), поради изразените неизвесности во глобалната и во домашната економија, поврзани со растечкото влијание на делта-сојот и забавувачкото темпо на имунизација кон крајот од кварталот. Според тоа, и бруто-инвестициите се задржаа на нивото од пред една година (0,4 отсто), додека извозот и увозот забележаа забавен раст (4,1 отсто и 2,7 отсто, соодветно). Јавната потрошувачка порасна за 4,9 отсто, што е особено висок раст во контекст на намерата за фискална консолидација, но е во линија со продлабочувањето на буџетскиот дефицит со јулскиот ребаланс на буџетот (од 4,9 отсто на 6,5 отсто од БДП) – посочуваат од институтот.