Како што расте бројот на онлајн купувачи така се зголемуваат и проблемите на потрошувачите, кои сѐ почесто спорат со продавачите за квалитетот на купените производи, нивната техничка исправност, големината на испорачаната облека или обувки, роковите на испорака…
Купувањето од дома крие низа недоследности, кои ги прават граѓаните незадоволни
Животот во услови на пандемија ги промени навиките на граѓаните, па онлајн купувањето за многумина стана практика. Предностите на онлајн купувањето се заштеда во време и пари, но и намалување на физичките контакти со други луѓе, според протоколите. Но како што расте бројот на онлајн купувачи така се зголемуваат и проблемите на потрошувачите, кои сѐ почесто спорат со продавачите за квалитетот на купените производи, нивната техничка исправност, големината на испорачаната облека или обувки, роковите на испорака… Негативните искуства на потрошувачите преку поплаките на граѓаните се забележани и во Организацијата на потрошувачите на Македонија, преку советувалиштата во Скопје и во другите градови низ земјава. Само во советувалиштето во Скопје дури 60 отсто од потрошувачите што се одлучиле за онлајн купување производи, при купувањето се соочиле со некаков проблем, а 39 отсто од нив се изјасниле дека немале никаков проблем и биле задоволни од услугата. На пример, надлежен орган за постапување при секоја измама при интернет-купувањето е Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи.
– Од јануари до јули годинава се пријавени две кривични дела „компјутерска измама“ и сѐ уште се работи на расчистување на случаите за да се откријат сторителите – велат од МВР, притоа не појаснувајќи одделно дали, покрај правните субјекти, има и физички лица што биле измамени при онлајн купувањето.
Но во Организацијата на потрошувачите на Македонија преку советодавното биро во Скопје, во текот на првата половина од 2020 година биле примени 665 поплаки од потрошувачи.
– Најголем број од поплаките (50 отсто) се однесуваат на купување производи, а од нив најмногу се застапени производите од бела техника, техничките производи и производите за домот. Од проблемите ги издвојуваме: купувањето производ со скриен недостаток, правата од гаранција и сервисирање, замена на производ и/или враќање парични средства и сл. Голем број поплаки, 11 отсто, се однесуваат на интернет-купувањето, конкретно нелегалната фејсбук-продажба и продажбата преку другите социјални медиуми, каде што потрошувачите се најчесто измамени преку испорачување производи со поинакви карактеристики од нарачаните, оштетени производи, добивање производ само со испратница, а без фискална сметка, за потоа да не можат да го вратат и слично – објаснува Маријана Лончар Велкова, претседателка во ОПМ.
Но, како што истакнува Лончар Велкова, тие се немоќни во таквите случаи.
– Потрошувачите најчесто имаат проблем со враќање или замена на купениот производ, а ние не можеме да им излеземе во пресрет затоа што ваквата купопродажба преку Фејсбук не е регулирана со закон. Купувачите се измамени, не можат да си ги вратат назад ниту парите ниту производите, не можат да најдат телефонски број на продавачот и не можат да стапат повторно во контакт со него. Во нашето советувалиште и кај Државниот пазарен инспекторат често се јавуваат измамени потрошувачи што купувале преку социјалните мрежи, мислејќи дека подоцна, при евентуални настанати проблеми, ќе можат да ги остварат своите потрошувачки права, иако купуваат производ од нелегални продавачи, без фискална сметка и без доказ за извршена трансакција – додава таа.
И од Државниот пазарен инспекторат потврдуваат дека имаат зголемен број поплаки од граѓани за онлајн купопродажбата, но велат можат да ги решат само оние предмети за кои граѓаните можат да приложат фискална сметка за купениот производ.
– Во овој период на живеење во пандемиски услови се зголеми онлајн купопродажбата, но и поплаките на граѓаните. Нив ги решаваме само доколку купувачот има фискална од купениот производ, само тогаш можеме да му помогнеме во решавање на проблемот. Во спротивно не можеме да реагираме. И другите претставки од купопродажба ги работиме, можеби сега во овие услови на пандемија не толку брзо, ни треба повеќе време да ги решаваме.
Најмногу се купуваат текстил и компјутерска опрема
Негативните искуства на граѓаните, согледани преку анкета што ја има спроведено ОПМ на оваа тема во периодот од почетокот на пандемијата до август, покажуваат дека 55 отсто од вкупниот број потрошувачи купувале онлајн, додека 44 отсто не можеле да се одлучат за купување на ваков начин. При онлајн купувањето најголем број потрошувачи се одлучиле да купуваат текстил и текстилни производи, односно 44 отсто, а нешто помалку, 32 отсто, купувале различни производи од компјутерска опрема. Околу 25 отсто од потрошувачите купувале обувки, а 20 отсто козметика. Нешто помалку, односно околу 19 отсто купувале прехранбени производи, а само 15 отсто се решиле да купат бела техника (фрижидери, машини, шпорети, мали технички производи – фенови, пегли, машинки и сл.). Најмал дел од испитаниците, односно само 11 отсто купиле електронски апарати (мобилни телефони, телевизори, лаптопи, преносни компјутери).