Владата, во рамките на 48. седница, денеска донесе одлука за одобрување средства од буџетот во износ од 50.000.000 денари на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (АВМУ) како поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.
Како што информираат од владината прес-служба, овие средства се наменети за реализација на мерката 3 од петтиот пакет економски мерки, со која ќе им се обезбедат средства за финансиска поддршка на радиодифузерите за надомест на средства платени по основ на такси, давачки и надоместоци за вршење радиодифузна дејност и кои се документирани во финансиската евиденција на АВМУ.
Притоа се задолжува Генералниот секретаријат на Владата средствата од оваа одлука да ги уплати на наменска сметка на АВМУ.
Во согласност со одлуката, овие средства Агенцијата треба да ги искористи исклучиво за намената за која се доделени, односно за надоместување на средствата што не се реализирани по основ на наплата на такси, давачки и надоместоци за вршење радиодифузна дејност и кои се документирани во нејзината финансиска евиденција.
За искористувањето на средствата, Агенцијата ќе треба да достави извештај до Владата во рок од 15 дена од завршување на активностите.
Во извештајот ќе биде потребно поединечно да се набројат секој од радиодифузерите со висина на надоместокот што го должел и е покриен со средствата од оваа одлука, како и бројот на фактурата со кој тој бил задолжен.
Агенцијата е должна да достави примерок од извештајот и до Управата за јавни приходи за потребите на системот на данокот на додадена вредност и реализација на целите на данокот на додадена вредност.
При утврдени неправилности и ненаменско користење на средствата потребно е АВМУ средствата да ги врати во буџетот.