Од 1 јули ќе се укинат тарифите за роаминг за граѓаните од земјите од Западен Балкан (Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово), беше соопштено денеска на состанок организиран од Советот за регионална соработка (РЦЦ).
Дел од министерскиот состанок беше и македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири.
– Инспирирани од Европската Унија, воспоставивме и создадовме средина каде што сите граѓани на земјите од Западен Балкан ќе можат безбедно да ги користат своите мобилни телефони за да остваруваат повици, да испраќаат пораки или да сурфаат на интернет низ сите земји во Западен Балкан без дополнителни трошоци од 1 јули – рече министерот Шаќири.
Тој нагласи дека ова е само почеток, додавајќи дека важноста на овој договор е исклучително голема и е предуслов да се започне процесот за намалување на трошоците за роаминг и помеѓу балканските земји и земјите од Европската Унија.
– Меморандумите за 5Г, интероперабилност и доверливите услуги, потпишани минатата година во Тирана, ја отворија вратата за изградба на заеднички технички јазик. Ова ќе им овозможи на ИКТ системите ефикасно да комуницираат во регионот, и во иднина исто така со земјите од Европската Унија. Тоа е мал, но важен чекор на патот кон градење дигитално општество засновано на доверба – рече Шаќири.