Секој раст на платите што не е поддржан со раст на продуктивноста може да даде некаков резултат само на краток рок, а на долг рок, пазарот ќе се урамнотежи таму каде што постојат понудата и побарувачката детерминирани од економски потврдените фактори, објаснуваат упатените
Иако просечната плата во Македонија изминативе две години забележа голем раст од три илјади денари, сепак македонските плати се најниски во регионот. Сега просечната плата во Словенија е 1.181 евро, Хрватска 890 евра, Црна Гора има просечна плата од 525 евра, Србија 512 евра, Босна и Херцеговина 490 евра и Македонија 454 евра.
Животниот стандард во нашата држава е речиси ист со Црна Гора. Граѓаните ги имаат речиси истите трошоци кога станува збор за местата во кои постојано живеат луѓе, со исклучок на туристичките места. Но Црна Гора се наоѓа на третото место по висината на платите, за разлика од земјава, која е три места подолу.
Како се генерираат повисоките плати
Економските експерти се согласни дека повисоката продуктивност на трудот, заедно со урамнотежениот пазар на труд, генерира повисоки плати. Тие алармираат дека сериозен проблем за бизнисот е слабата продуктивност на македонскиот работник, а на тоа влијаат технологијата и квалификациите.
Како што вели универзитетскиот професор Марјан Петрески, просечната плата е генерално одраз на понудата и побарувачката и од страната на понудата, платата зависи од продуктивноста на трудот, која е детерминирана од образовната, старосната структура на работниците, како и од серија т.н. невидливи карактеристики, како способноста, иницијативноста и слично.
– Пониска плата во Македонија во споредба со други земји, од оваа перспектива, би значело дека нашите работници се помалку продуктивни од работниците во други земји. Гледано од страната на побарувачката, платата зависи од општата состојба на пазарот на трудот, односно ако има голем контингент невработени лица, тогаш платата нема брзо да расте, и обратно, нагорен притисок врз платите ќе се создаде кога нема да може лесно да се најде работник, особено добар работник – објаснува Петрески.
Сличностите на пазарите на трудот во Западен Балкан
Според Петрески, пазарите на трудот во Западен Балкан имаат многу сличности, меѓутоа конкретните услови во конкретен период може и значајно да се разликуваат, така што овој притисок може да е различен.
– Тука значајно мора да се одвојат Словенија и Хрватска, кои според нивото на развој, кое имплицира и повисока продуктивност на трудот, се веќе значајно над Македонија, и на нивните пазари на труд оперираат (особено Словенија) на т.н. природна стапка на невработеност, односно невработеност постои, но е ниска и доброволна. Значи, повисоката продуктивност на трудот таму, заедно со урамнотежениот пазар на трудот, детерминира многу повисока просечна плата споредено со Македонија – нагласува Петрески.
Улогата на државата во поттикнувањето на растот
Тој додава дека третиот фактор што не треба да се изостави е улогата на државата, која може да го поттикнува растот на платите преку одредни политики.
– Сето тоа најдобро е ако тоа се прави преку политиките што обезбедуваат поголема продуктивност на работната сила, инвестиции во квалитетно образование, и кои обезбедуваат раст на фирмите за тие да можат да генерираат работни места (на пример, инвестиции во иновации) – вели универзитетскиот професор.
Според него, некои влади може да одлучат да интервенираат кај платите и преку краткорочни политики, како што се масивни интервенции кај минималната плата и големи субвенционирања за плати.
– Но секој раст на платите што не е поддржан со раст на продуктивноста може да даде некаков резултат само на краток рок, а на долг рок пазарот ќе се урамнотежи таму каде што понудата и побарувачката, детерминирани од факторите што ги опишав погоре, ќе се сретнат – истакнува Петрески.
Реалните плати треба да се движат до или нешто под реалниот раст на БДП
Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, вели дека реалните плати треба да се движат до или нешто под реалниот раст на БДП, а Македонија има низок раст на економијата, па затоа нема голем простор за раст на реалните плати.
– Реалноста за нашата економија покажува дека ние сме во тешки проблеми. Нашата држава има низок раст, а тој раст не дава простор за позначајно зголемување на животниот стандард на вработените, на граѓаните, на семејствата, а второ, имаме исклучително лоша дистрибуција на тој и така низок остварен раст и затоа Македонија се приближува, или веќе влегува, па дури е и влезена во општествата со највисока нееднаквост – појаснува Гошев.
Тој додава дека причина за најниската просечна плата е динамиката на раст, која е недоволна, и дека имаме премногу прекини во континуитетот на растот, лоши политики, голема корупција, која трае со децении и се разликува по интензитетот од гарнитура до гарнитура.
– Други фактори за платата се и вкупното образование, како и вештините што ги поседуваат вработените, а сето тоа ја одредува продуктивноста на работниците, која во Македонија е многу ниска и влијае на нивото на платата – истакна Гошев.
Според него, нема простор за раст на просечната плата, затоа е клучно движењето на растот на продуктивноста.