Инфраструктурните проекти нема да се одолжуваат и за нив ќе нема дополнителни трошоци доколку при одлучувањето навреме се вклучи јавноста, порачаа учесниците на регионалната конференција „Јавна инфраструктура во Југоисточна Европа – во чиј интерес“, на која беа претставени примери на инфраструктурни проекти во државите од регионот без транспарентни постапки.
Соња Ристеска, еден од авторите на студијата за инфраструктура во ЈИЕ презентирана на конференцијата, укажа дека во Македонија досега има само заложба и најчесто проектите се презентираат без јавни дебати или на крајот, кога веќе се направени без можност јавноста да има влијание. Тоа, како што појаснува, предизвикува разни проблеми, како со проектите за хидроцентралите „Бошков мост“ и „Луково поле“.
Во однос на автопатот Демир Капија – Смоквица не е спорна корисноста, но, како што вели, различните извештаи за начинот на кој е избрана компанијата изведувач на работите и процесот против неа во грчките судови укажува на тоа дека постапката на водење на проектот не е во корист на Македонија.
– Доколку процесот бил потранспарентен при изборот на компанија што има некоја добра заднина во раководењето проекти, можеби ќе се завршел и порано и ќе чинел помалку – истакна Ристеска.
Како што истакна, поради скандалите со корупцијата во минатото и во транспортниот и во енергетскиот сектор, навистина мора да се работи против нејзино искоренување, со тоа што кога ќе се отвораат тендерите да имаат шанса компаниите што во минатото добро работеле и немаат корупциски дамки.
Звездан Калмар, претставник на српската невладина организација ЦЕКОР, посочи дека во Србија имаат лоши примери при инфраструктурни проекти на Коридорот 10, со лошо дизајнирани проекти, поради што дошло до одрони и раселување на луѓе и дека се загрозувале заштитени подрачја.
– Владите заедно со корпоративниот сектор најчесто се поставуваат во улога на апсолутен владетел на идните планови и во тој контекст во изработката на плановите и во Србија и во другите држави не се зема предвид макроекономската стабилност, се дава приоритет на приватните интереси, особено на големи корпорации што учествуваат, а исто така имаат многу негативно влијание на животната средина – посочи Калмар.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, пак, порача дека Владата е посветена на вложување во капитални инфраструктурни проекти, со максимална транспарентност, што не било случај во минатото, за кога на конференцијата наведе примери.
– Никој од нас не знаевме како се склучувале некои од договорите со изведувачите. Има случаи каде што цените на градежните материјали се договарале во четири очи, без соодветна постапка. Има проекти што поради непочитување на процедурите за јавни набавки ја чинат државата и по десетици милиони евра повеќе. Се соочивме со проекти во кои ако не реагиравме навреме, државата требаше да плаќа пенали – вели Сугарески.
Како што најави, од капиталните инфраструктурни проекти во Македонија следната недела ќе биде пуштен во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица, во октомври годинава и автопатот Миладиновци – Штип. Ќе продолжи, како што рече, и изградбата на автопатот од Кичево до Охрид, ќе почне градбата на три нови експресни патишта, во тек е проектирање на два автопатишта и на други објекти.