И покрај тоа што железото е најчесто застапениот метал на Земјата, не постојат доволни количества висококвалитетно железо. Наедно, и снабдувањето со бакар се соочува со проблеми. Очекуваните резерви на бакар полека опаѓаат, затоа што најдостапните и најдобри рудници веќе одамна се пронајдени. Најголем производител на железо е Австралија, а австралиското железо е висококвалитетно и многу чисто. Притоа, Австралија е и шести најголем производител на бакар во светот. Од друга страна, Кина и понатаму е држава со експресно брза модернизација, а едно од „горивата“ потребни за ширењето на градовите е металот
ЖЕЛЕЗОТО И БАКАРОТ ДОСТИГНУВААТ РЕКОРДНИ ЦЕНИ
Постојат повеќе фактори што влијаат за ваков скок на цените. Побарувачката од Кина е во постојан пораст, особено во постпандемискиот налет на кинеската економија (на почетокот на 2021 г., нејзиниот БДП е за 18,3 отсто повисок одошто на почетокот на 2020 г.). Освен тоа, на почетокот на мај, најактивна во светски рамки е градежната индустрија во Кина, пишува „МаркетВоч“. Кина и понатаму е држава со експресно брза модернизација (иако не толку брза како во 90-тите години на минатиот век), а едно од „горивата“ потребни за ширење на градовите е металот.
Недостига железо и за европската автомобилска индустрија, која исто така полека се буди. Ова го тврди и „Геополитика њуз“.
Од друга страна, понудата сѐ потешко успева да ја задоволи побарувачката. Издавачката куќа „Блумберг“ пишува за тоа дека минатата година, исто како и оваа, производителите на железо имаат проблеми во производството. И покрај тоа што железото е најчесто застапениот метал на Земјата, не постојат доволни количества висококвалитетно железо.
И снабдувањето со бакар се соочува со проблеми. Очекуваните резерви на бакар полека опаѓаат, зашто најдостапните и најдобри рудници веќе одамна се пронајдени, пренесува „Инвесторс кроникл“. Проектите на големите рудници како „Камоа-Какула“ во Конго и „Квелавеко“ во Перу даваат некаква надеж за подобрување на ситуацијата, но тие сепак не се ни приближно важни како големите наоѓалишта, кои и денес се користат во помал обем, а откриени се пред повеќе од 100 години.
Најголем производител на железо е Австралија. Не само што произведува двојно повеќе од Бразил, кој е на второ место, туку факт е и дека австралиското железо е висококвалитетно и многу чисто. Наедно, Австралија е и шести најголем производител на бакар во светот.
Овде лежи уште една причина за зголемувањето на цените на овие метали. Очигледно е дека трговската војна меѓу Кина и Австралија станува сѐ поизразена. Оттука, поголем е бројот на царински давачки, раскинати договори и прекини на порано воспоставените инвеститорски канали. Не зачудува фактот дека Кина е убедливо најголемиот светски увозник на железо (10 пати поголем од Јапонија, која се наоѓа на второто место), кое во последниот период станува сѐ побарано и поскапо.
Голем број аналитичари тврдат дека цените на металите ќе продолжат да растат. Во изјава за „Блумберг“, Даниел Брисман објасни дека постои уште една причина за ценовниот скок на железото и на бакарот.
– Трендот на преминување кон „зелена енергија“, како што се електричните автомобили, соларната и енергијата на ветерот, секако ќе резултира со дополнителна побарувачка за метали. Само како пример – бакарот е клучен за производството на многу делови за ветерници – вели Брисман.
Во врска со оваа тема, го консултиравме и гералниот директор на компанијата „Макстил“, Иван Бановски.
Тој подвлекува дека зголемената побарувачка неминовно во услови на лимитирана понуда (металургиските капацитети многу побавно се рестартираат поради големината на нивните системи) ги крева цените нагоре додека не се усогласат понудата и побарувачката на пазарите.
– Ваквите нагли ценовни скокови не се пријатни за никого, ниту за производителите ниту за крајните потрошувачи, бидејќи се нарушуваат синџирите за набавка и на страната на понудата, но и на страната на побарувачката – појаснува Бановски.
Сѐ додека не се избалансираат овие два параметри, според него, цените ќе одат нагоре, но, како што додава, многу е важно истите тие да се вратат во некои попредвидливи нивоа каде што вредноста на производите ќе биде стабилна.
– Цените на челикот и на бакарот неминовно имаат влијание на сите поврзани индустрии каде што овие производи наоѓаат своја примена. Доколку на долг рок останат активни овие повисоки ценовни нивоа, тогаш за очекување е дека спиралата на пораст на цените ќе почне да се движи забрзано – истакна Бановски.
Тој вели дека за во иднина сѐ ќе зависи од тоа до кога ќе трае оптимизмот на најголемите пазари во светот – ЕУ, САД и Азија.
– Доколку продолжат експанзивните монетарни и фискални политики на овие пазари, тогаш очекуваме цените да бидат стабилно високи до оној момент до заштитувањето на пазарите, по што нормално е за очекување дека ќе следуваат корекции надолу – истакнува Бановски.
Домашната економија, додава тој, можеби е премногу зависна од глобалните текови и неминовно е да се очекува светските трендови да се рефлектираат и кај нас.