Откако од Агенцијата за вработување уште во март беа испратени пораките со следната содржина: „АВРСМ ве известува дека редовното пријавување на невработените лица е запрено додека важат мерките за спречување на коранавирусот“, некои од невработените, особено оние што примаат некаква парична помош, се исплашиле дека ќе бидат избришани од евиденцијата

Граѓаните што го користат статусот на невработени лица се во исчекување на порака од Агенцијата за вработување за тоа како повторно да се евидентираат, откога во март, по прогласувањето на пандемијата на коронавирусот, им беше порачано да не одат на агенциските шалтери.
Имено, од Агенцијата уште во март им беа испратени пораките со следната содржина: „АВРСМ ве известува дека редовното пријавување на невработените лица е запрено додека важат мерките за спречување на коранавирусот“. И бидејќи од тогаш не добиле никаква друга порака, некои од невработените, особено оние што примаат некаква парична помош, се исплашиле дека ќе бидат избришани од евиденцијата и ќе останат без парите што ги добиваат. Но од агенцијата смируваат дека нема место за паника, никој нема да биде избришан, а сите овој месец повторно ќе бидат информирани за тековното пријавување.
Инаку, од почетокот на пандемијата предизвикана од коронавирусот (11.3.2020 година), Агенцијата за вработување ги извести сите невработени лица дека редовното пријавување во агенцијата (на 30 дена или на 6 месеци) е запрено, вклучувајќи ги и корисниците на гарантиран минимален приход и корисниците на правото на паричен надоместок во случај на невработеност, додека траат вонредните околности.

Од агенцијата велат дека во изминатиов период имало лица што првпат се пријавувале како невработени, како и такви што подолг период не биле пријавени како невработени, но повторно одлучиле да се евидентираат во Агенцијата за вработување. Исто така, лицата што во изминатиот период останале без работа, имале можност да се евидентираат како невработени лица во центрите за вработување.
– Редовното пријавување на невработените лица го запревме за да го заштитиме здравјето како на нашите клиенти, така и на нашите вработени, да не се изложуваат на контакти со други лица и да го превенираме ширењето на ковид-19. Во изминатиов период ниедно невработено лице не беше избришано од евиденцијата на невработени лица што ја води Агенцијата за вработување, а корисниците на гарантиран минимален приход и корисниците на правото на паричен надоместок во случај на невработеност продолжија непречено да ги остваруваат своите права.

Во првата половина на септември 2020 година, Агенцијата за вработување ќе извести за продолжување на редовното пријавување на невработените лица што се активни баратели на работа, а кон крајот на месецот ќе ги извести за продолжување на редовното пријавување и невработените лица што се пријавуваат на секои 6 месеци (пасивните баратели на работа). Сите невработени лица ќе добијат СМС за точниот период за нивно наредно пријавување – вели Билјана Јовановска, директорка во Агенцијата за вработување.
Оттаму ги советуваат оние невработени лица што немаат оставено телефонски броеви за контакт или кои имаат направено промена на истите тие, да дојдат во центрите за вработување заради ажурирање на нивните податоци и истовремено да се пријават како невработени лица.
За да нема метежи, Агенцијата за вработување ќе ги отвори и дисперзираните канцеларии во поголемите населени места, чии локации ќе ги објави во медиумите, како и на веб-страницата и фејсбук-страницата на агенцијата, а невработените лица ќе бидат известени каде треба да се пријават.

– Во изминатиов период голем број од невработените лица се јавуваа со прашања за продолжување на редовното пријавување, плашејќи се пред сѐ дека можеби ќе изгубат некое од стекнатите права, како што се правото на гарантиран минимален приход и правото на паричен надоместок во случај на невработеност. И покрај нашите укажувања дека ќе известиме кога ќе продолжи редовното пријавување и дека не треба да доаѓаат во центрите за вработување и да го изложуваат своето здравје на опасност, сепак некои лица доаѓаа и продолжуваа со редовното пријавување – информираат од агенцијата.
Оттаму дополнуваат дека во изминатиот период Агенцијата за вработување продолжила да ги извршува своите тековни функции. Пријавувањето и одјавувањето од задолжително социјално осигурување се одвива непречено, при што голем дел од работодавците оваа активност ја реализирале по електронски пат.

Агенцијата за вработување продолжи да ги спроведува активните програми и мерки за вработување дефинирани во Оперативниот план за 2020 година. Во изминатиот период се склучени договори со над 6.500 лица, од кои најголем број се за програмите самовработување, субвенционирање на платите, практикантство, обуки за побарувани занимања итн. Во наредниот период ќе се спроведуваат и активните програми и мерки за вработување за кои немало можност во изминатиов период поради заштитните мерки од коронавирусот.


По основа на прилив од работен однос евидентирани 11.734 невработени

Во Агенцијата за вработување со состојба на крајот од минатиот месец, по основа на прилив од работен однос, се евидентирани 11.734 невработени лица, за кои престанувањето односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11.3.2020 година, односно во период на кризата предизвикана од ковид-19.
Според основата на престанок на работниот однос, 5.664 лица (48,3 отсто) се поради истек на определено време, 2.807 лица (23,9 отсто) се поради спогодбен престанок на работен однос, 1.239 лица (10,6 отсто) се поради отказ од страна на работникот, 889 лица (7,6 отсто) се поради отказ од работодавецот, 594 лица (5,0 отсто) се поради отказ од деловни причини (технолошки, економски, организациски и слични промени), 117 лица (1,0 отсто) се поради стечај – ликвидација, 83 лица (0,7 отсто) се поради престанок на дејноста на работодавецот, а другите 341 лице (2,9 отсто) се поради други основи на престанок (записник од Државен инспекторат за труд, судска пресуда и сл.).

Според претежната дејност на работодавецот, најголем дел од приливот на невработени лица од работен однос е од преработувачката индустрија (4.556 лица или 38,8 отсто), потоа од дејноста трговија на големо и трговија на мало (2.323 лица или 19,8 отсто), како и од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна (1.038 лица или 8,8 отсто).
Според образованието, од приливот на невработени лица од работен однос, 6.656 (56,7 отсто) лица се со нецелосно средно и завршено средно образование, 3.001 лице (25,6 отсто) се без образование и со основно образование, а 2.077 (17,7 отсто) лица се со вишо и високо образование.
Според возраста на лицата, најголемиот број се на возраст од 30 до 49 години (5.565 лица или 47,4 отсто), на возраст над 50 години (3.246 лица или 27,7 отсто), а на возраст до 29 години (2.923 лица или 24,9 отсто).


Со мерката „младинска гаранција“ се вработиле 3.705 лица

Од Агенцијата за вработување, како што соопштија, успешно ја имплементираат и мерката „младинската гаранција“, со која се овозможува секое младо лице на возраст до 29 години, во период од 4 месеци по евидентирањето како невработено лице во агенцијата, да добие соодветна понуда за вработување, можност да го продолжи образованието или да биде вклучено во некоја од активните мерки за вработување. Во периодот од 1.1 до 31.8.2020 година во „младинската гаранција“ биле вклучени 15.884 лица, кои првпат се пријавиле како невработени лица во агенцијата, од кои 4.629 лица успешно излегле од мерката во период од 4 месеци по нивното евидентирање (3.705 лица се вработиле, а 924 лица биле вклучени во некоја од активните мерки за вработување, кои не водат кон директно вработување, но ја зголемуваат нивната вработливост).