Податоците што ги објави Државниот завод за статистика укажуваат дека цените на продуктите во малопродажба се разликуваат од еден до друг град во Македонија. Притоа кај одредени продукти може да се забележат и високи разлики, меѓу градовите каде што цените се пониски се издвојуваат Штип и Велес, додека повисоки цени има во Охрид
Големи разлики кај цените во малопродажба низ државата
Разликите во цените на производите што се продаваат во малопродажба покажуваат дека главниот град не е најскап во земјава. Многу продукти се поскапи во другите градови, како Охрид, Битола и Куманово, а разликите кај одредени производи варираат и до 100 денари по килограм зависно од производот и локацијата каде што се набавува.
Во согласност со податоците што ги објави Државниот завод за статистика, за цените на производите во малопродажба, може да се забележи дека исти производи со иста грамажа имаат различни цени низ земјата. Притоа споредбите укажуваат дека Штип е еден од градовите што имаат генерално пониски цени во споредба со другите градови во земјава, иако и кај нив има отстапки и продукти што се продаваат по повисока цена од другите градови. Велес исто така се издвојува по релативно пониски цени на производите, но затоа одредени продукти, како што се јаболката и јајцата, се продавале по повисоки цени отколку во другите градови. Така, на пример, во Велес килограм јаболка во јули оваа година чинеле рекордни 111 денари, а поскапи биле само во Тетово каде што чинеле 112 денари. Најниска цена кај јаболката е забележана во Струмица, каде што за исто количество граѓаните плаќале само 42 денара.
Во Струмица, исто така, се забележува дека граѓаните плаќале најниска цена и за еден од најскапите зеленчукови продукти, брокулата. Имено, во овој град килограм брокула чинела само 54 денари, додека низ државата во просек се продавала за цена од околу 100 денари. Најскапа цена за килограм брокула плаќале жителите на Охрид, каде што истата таа достигнува 153 денари.
Охрид, како една од најпосетуваните летни туристички дестинации во земјава, предничи со висината на цените на голем број од продуктите, како што се гравот, кромидот, јаболката, лимоните, јајцата и млекото…
Она што изненадува во податоците што ги објави ДЗС е разликата во цената кај пакуваното трајно млеко со масленост од 3,2 отсто, кое во Штип се продава по цена од 48 денари, додека пак во Струмица чини 53 денари. Голема разлика се забележува и во цените кај домашното овчо сирење, кое најевтино го купуваат повторно жителите на Штип, додека најскапо е во Куманово.
Големи разлики се забележуваат и кај цените на различни типови месо. Така, на пример, јунешкото месо е најевтино во Штип, каде што чини 274 денари, додека најскапо во Охрид и во Скопје каде што се продавало по цена од 359 денари. Слична е ситуацијата и со телешкото месо, кое штипјани го плаќале по цена од 368 денари, додека пак охриѓани 499 денари, а жителите на главниот град 497 денари за килограм месо.
Она што изненадува се забележаните разлики меѓу производите во градовите, иако Македонија е релативно мала земја и далечината меѓу градовите не би требало да биде причина за поскапите цени на различни продукти. Воочливо во овие податоци е дека регионите што важат за производители на одредени продукти за изненадување имаат повисоки цени. Така, на пример, гравот во Тетово, град што е познат по квалитетен грав, има највисока цена од 164 денари, додека пак во Струмица гравот чинел 112 денари. Исто така се забележува дека Скопје како главен град, но и најгусто населен, сепак нема највисоки цени на производите во малопродажба.
Инволвираните во работата на малопродажните синџири посочуваат дека понекогаш има разлики меѓу исти продукти кај ист синџир маркети од едно до друго продажно место.
– За голем дел од производите имаме можност и сами да одредуваме цени, зависно од побарувачката или резервите што ги имаме на располагање, односно што сме ги направиле. Поради ова понекогаш дури имаме забелешки од муштерии, кои ни воочуваат дека ист производ кај нас го купиле поскапо или поевтино од маркет на нашиот синџир што од нас е оддалечен петстотини метри. Во нашиот синџир исти цени имаат само производите што се наоѓаат во летокот, додека другите варираат – вели Мартина П., раководителка на смена во еден синџир за малопродажба.
Претставниците на земјоделците истакнуваат дека цените во малопродажба не зависат само од производителите, туку врз финалната цена играат улога повеќе фактори.
– Висината на цената на одреден продукт не зависи само од земјоделците, од производителите, туку и од пазарот, од цените во земјава и во соседството. Ако има поскапување во соседството, тогаш и во Македонија ќе растат цените. Разликите меѓу градовите, пред сѐ, мислам дека се должат на маржата на трговците и на откупувачите. Додека откупувачите им ги урнисуваат цените на земјоделците, тие потоа ги продаваат по многу повисоки суми правдајќи се со трошоци за транспорт, калирање на продуктите, трошоци за вработени и други причини. Дополнително што и трговците пресметуваат своја маржа за да имаат заработка од продажбата – вели Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.