Компаниите „Кромберг и Шуберт“ од Битола и „Дракселмајер“ од Кавадарци повторно се најдоа на највисоките две места на листата „100 најголеми компании во Македонија“ за 2019 година според бројот на вработени. Листата ја изработи порталот „Пари“, во соработка со платформата за бонитетни информации „Бизнис-мрежа“.
Проектот „100 најголеми“ содржи три категории, најголеми компании по приходи, добивка и по број на вработени, а во следниот период ќе биде објавена и листата на 100 најголеми компании според остварената добивка за 2019 година.
– Целта на проектот „100 најголеми“ е да придонесе за развој и јакнење на позитивната деловна клима низ промоција на позитивната деловна практика на најголемите компании по приход, добивка и број на вработени – се наведува во соопштението на „Пари“.
На листата меѓу првите десет компании се најдоа и компаниите „Адиент“ од Штип, „Гентерм“ – Прилеп, „Никоб“ од Скопје, „Макпетрол“ – Скопје, „Амфенол“ – Кочани, „Електродистрибуција“ – Скопје, „Адиент аутомотив“ – Струмица и „Алкалоид“ – Скопје.