Постојаниот раст на цената на нафтата значително се одразува врз работата на земјоделците бидејќи, како што истакнуваат, цените на горивата имаат големо влијание врз крајната цена на земјоделските продукти поради што повторно се актуализира прашањето за воведување на таканаречената зелена нафта, кое во форма за законски предлог сѐ уште е во собраниската процедура
Скапата нафта ќе ги крене цените на и онака неконкурентните земјоделски производи. Постојаниот раст на цената на нафтата значително се одразува врз работата на земјоделците, кои истакнуваат дека цените на горивата имаат големо влијание врз крајната цена на земјоделските продукти.
– Во принцип, нафтата опфаќа голем дел од трошоците во земјоделството, голема ставка, па секое поскапување значително придонесува кон раст на цената на крајниот производ. Добри се најавите за воведување на таканаречената зелена нафта за земјоделците, но сѐ уште не се знаат количествата за кои сметам дека ќе бидат недоволни за задоволување на потребите на земјоделците – вели Данаил Паланков, земјоделец од струмичкото село Муртино.
Тој посочува дека во земјоделството нафтата не е потребна само за орање, туку за многу повеќе активности, и дека една нива во годината мора да се преора и трипати ако се одгледуваат градинарски производи.
– Мора да се има предвид дека нафта на земјоделците им треба не само за орање, туку и за берење, за транспорт, па затоа е потребно поголемо количество. Според најавите, нафтата ќе биде поевтина за 50 отсто, ама сѐ уште не се знае како ќе се распореди. Наместо ова, можеа да ги зголемат субвенциите, без да се комплицира, бидејќи сега ќе имаме многу нови документи за пополнување. Сметам и дека е неопходно да се направи разлика меѓу професионални земјоделци и некои што имаат други професии и плус обработуваат земја, а сите земаат исти субвенции – кажа Паланков додавајќи дека земјоделството масовно се напушта бидејќи е неисплатливо поради превисоките производствени и прениски откупни цени.
Дека новиот бран поскапување на нафтата лошо ќе се одрази врз земјоделството посочува и првиот човек на Сојузот на земјоделци, кој истакнува дека високите цени на нафта лошо ќе влијаат врз и онака лошата состојба во земјоделството.
– Се надевам дека Владата ќе најде решение, дали со конечно воведување на зелената нафта или поинаку. Битно е дека мора да се најде решение да се намалат трошоците инаку овие цени лошо ќе се одразат врз земјоделството. Секој денар кај земјоделецот е битен. Ресорното министерство треба да направи план како ќе се дистрибуира нафтата, на кој начин, иако тука се поставуваат многу прашања. Како на пример како ќе се субвенционираат земјоделци што обработуваат земја на наши иселеници, или оние со нерасчистени имотноправни односи – истакнува Вељо Тантаров од Сојузот на земјоделци.
Тој додава дека иако поевтината нафта за пролетната сеидба нема да стигне, сепак е битно истата таа што побрзо да се воведе, за да се намалат трошоците за производство во земјоделството.
И од Националната федерација на фармери (НФФ) укажуваат дека новиот бран поскапување на нафтата влијае врз цените на земјоделските производи.
– Анализата на Националната федерација на фармери за 2018 година покажува дека производната цена на пченицата изнесува околу 12 денари по килограм и дека големо влијание тука има и поскапувањето на нафтата, што повлекува поскапување на сите репроматеријали – наведуваат од НФФ.
Измените на Законот за земјоделство и рурален развој со кои се предвидува воведување поевтина, зелена нафта, за земјоделците се во собраниска процедура.
– Состојбата во земјоделското производство наметнува потреба од воведување субвенционирано гориво за обработка на земјоделските површини со што ќе се овозможи земјоделците да имаат конкурентно производство. Скапото гориво е една од најголемите причини за неконкурентноста на македонските земјоделски производи наспроти производите од увоз, бидејќи владите на земјите од регионот како и на земјите од ЕУ ја спроведуваат оваа мерка, која предвидува 50 отсто субвенционирано гориво – е наведено во предлог-законот со образложение дека целта на воведувањето на оваа мерка е да им се помогне на земјоделските производители во времето кога ги обработуваат земјоделските површини, поточно кога трошоците за набавка на репроматеријали се најголеми и им е потребна помош од државата.
Очекувањата се дека со донесувањето на овој закон ќе се постигне значителна конкурентност на македонските производи преку намалување на производната цена. Цената на горивото учествува со висок процент во трошоците и нејзиното намалување значително ќе го поевтини земјоделскиот производ.