Вработените во образованието се очекува да дознаат кога ќе го добијат новото покачување на платите, на денешната средба меѓу министерот Арбер Адеми и претставниците на СОНК во Министерството за образование и наука, закажана за 11.30 часот.
Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) инсистира покачувањето да почне од 1 јануари, а не од април 2020 како што им понуди Владата.
СОНК вчера одлучи да го стави во мирување претходно најавениот штрајк, предвиден за понеделник (11 ноември), додека не се усогласат околу терминот за исплата на повисоки плати.
Покачувањето веројатно ќе остане на предложените 10 проценти, иако СОНК на почетокот бараше тоа да биде пропорционално со процентот на зголемувањето на минималната плата.