Првичните процени за влијанието на новиот коронавирус врз глобалниот свет, што ги направи Меѓународната организација на трудот (МОТ), укажуваат дека ефектите ќе бидат огромни и дека милиони луѓе ќе останат без работа.
– Економската и трудовата криза, создадени од пандемијата на ковид-19, би можеле да ја зголемат глобалната невработеност за речиси 25 милиони. Ако имаме меѓународно координирана реакција, како и со глобалната финансиска криза во 2008 година, влијанието врз глобалната невработеност би можело да биде помало – истакнуваат од МОТ.
Претставниците на МОТ предвиделе две сценарија од ширењето на вирусот врз растот на глобалниот БДП, при што според „полесно“ сценарио, може да се очекува пораст во глобалната невработеност за 5,3 милиони луѓе. Според „потешко“ сценарио, дури 24,7 милиони луѓе може да останат без работа. За споредба, глобалната финансиска криза во 2008 година ја зголеми глобалната невработеност за 22 милиони.
Од организацијата повикуваат на итни, опсежни и координирани мерки во трите столба, заштита на работниците на работното место, стимулирање на економијата и поддршка за работните места. Според МОТ, мерките треба да опфатат проширување на социјалната заштита, поддршка за задржување на вработеноста преку скратено работно време, платено отсуство и други субвенции.
– Економските последици од ширењето на вирусот се преточуваат во намалување на работното време и на платите. Самовработувањето во земјите во развој, кое служи за ублажување на влијанието од промените, овој пат нема да ја има таа улога поради ограничувањето во движењето на луѓето. Падот на вработеноста значи загуби на приходи за работниците. Овие загуби би биле помеѓу 860 милијарди и 3,4 билиони американски долари до крајот на 2020 година и би предизвикале пад на потрошувачката на стоки и услуги – објаснуваат од организацијата.
Оттаму додаваат дека се очекува значителен раст на работната сиромаштија, затоа што „ограничувањата на приходите што ќе произлезат од падот на економската активност ќе ги погодат работниците што се наоѓаат близу или под прагот на сиромаштија“. МОТ проценува дека дополнително помеѓу 8,8 и 35 милиони луѓе низ светот ќе се најдат на работ на сиромаштија, споредено со основната процена за 2020 година (која предвидуваше пад од 14 милиони на светско ниво).
– Ова веќе не е само глобална здравствена криза, туку и голема криза на пазарот на трудот и економска криза со огромно влијание врз луѓето. Во 2008 година, светот беше обединет во справувањето со последиците од глобалната финансиска криза. Потребни ни се такво лидерство и одлучност и сега – кажа генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер.
МОТ предупредува дека кризата со работните места несразмерно ќе влијае врз одредени групи, со што би можела да се зголеми нееднаквоста. Тука спаѓаат луѓе на слабо платени работни места, особено младите, повозрасните работници, но и жените и мигрантите.
– Во време на криза како оваа, имаме две клучни алатки што може да ни помогнат да ја ублажиме штетата и да ја вратиме довербата на јавноста. Прво, социјалниот дијалог, вклученоста на работниците и на работодавците и нивни претставници е суштински елемент за градење на јавната доверба и поддршка на мерките, кои ни се потребни за да ја надминеме оваа криза. Второ, меѓународните стандарди за трудот обезбедуваат испробана и доверлива основа за политички одговори фокусирани на одржливо и правично заздравување. Треба да се преземе сè што е можно за да се намали штетата врз луѓето во овие тешки времиња – заврши Рајдер.