Фото: Маја Јаневска-Илиева

Надминувањето на состојбата на големата зависност од увезена храна бара долгорочни стратегии и соодветно насочување на политиките за домашно производство, истакнуваат упатените, констатирајќи оти е крајно време државата сериозно да се позанимава со овој проблем

Последните податоци на Државниот завод за статистика за стоковната размена покажуваат дека вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во првите два месеца од годинава, изнесува 66.118.493 илјади денари и бележи раст од 9,9 отсто во однос на истиот период во 2020 година. Вредноста на увезената стока изнесува 84.377.119 илјади денари и е за 4,5 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Притоа од податоците на ДЗС се забележува дека во првите два месеца за увоз на храна и живи животни биле потрошени 6.582.553 денари, додека извозот во истата категорија достигнал 2.798.972 денари.
Речиси секоја година за увоз на храна се одлеваат милионски суми, а податоците покажуваат оти од година на година расте зависноста од увезена храна. Минатата пандемиска 2020 година за увоз на храна биле потрошени 664 милиони евра, додека, пак, претходната 2019 година, 670 милиони евра. Во 2018 година за храна се одлеале 628 милиони евра, а во 2017 биле потрошени 605 милиони евра. Во 2016 година за оваа намена се потрошени 554 милиони евра.

Не можеме прекуноќ да ги добиеме посакуваните ефекти

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов објаснува дека надминувањето на состојбите со увозот на храна бара долгорочни стратегии и соодветно насочување на политиките за домашно производство на храна, како и за извоз.
– Сега поради пандемијата, но и воопшто на краток рок оваа проблематика не би можела да се надмине. Не можеме прекуноќ да ги добиеме посакуваните ефекти. Веќе петнаесетина години, од 2006 година наваму даваме големи субвенции за земјоделството, а увозот на храна расте. Дополнително и покрај субвенциите не се зголемува домашното производство на храна, дури ниту пласманот на домашниот пазар не се зголемува. Освен што се одлеваат средства за увоз на храна, се одлеваат и средства од буџетот за субвенции за домашното производство на храна. Ова покажува дека политиката за земјоделството не е ефикасна и потребни се промени. Но станува збор за промени за кои треба време, прво долгорочни стратегии, а потоа и промени на активностите на терен – објаснува Узунов.

Како домашните производи да станат поатрактивни

Професорот дополнува дека Македонија како земја-потписник на договорите за слободна трговија, но и како мала држава, не може да пристапи кон бариери на увозот на храна или кон поголемо оданочување бидејќи тоа може да предизвика контрареакции, односно други земји кон нас да воведат бариери и уште повеќе да се влошат состојбите.
– Поентата е како да се поттикнат домашните производители да се изборат на домашниот пазар да бидат поатрактивни. Со оваа политика не се поттикнуваат производителите да го подобрат квалитетот, бидејќи субвенциите се добиваат на произведено количество, државата не ги мотивира да се борат со квалитет. Потребни се промени на моделите на субвенционирање, но и долгорочна стратегија што ќе каже каде ќе се инвестира. Треба да се утврди кои продукти можат домашните производителите да ги произведуваат и притоа да имаат подобар квалитет од конкуренцијата. Да се утврди кои продукти може да се извезуваат во некои од соседните земји, како Србија, Косово, Хрватска, Словенија или во други европски земји. Имаме производи што поради климата се поквалитетни отколку во посеверните земји, а такви се од областа на градинарството или кај производството на овошје – прецизира Узунов.

Политиката на субвенционирањето

Професорот посочува дека треба да се пристапи кон субвенционирањето на поинаков начин и дека е потребна промена на политиката на субвенционирање.
– Кај нас има други фактори што влијаат врз политиката на поттикнување на земјоделството, а не чисто економските логики, и тоа резултира со раст на увозот на храна. Земјоделците се потенцијални гласачи, па затоа политиките се така поставени и во скоро време тоа нема да се промени без оглед која партија ќе дојде на власт – истакна Узунов.
И професорите во областа на земјоделските науки посочуваат дека ни е потребна долгорочна стратегија што ќе ги постави параметрите за стимулирање на домашното производство.
– Со изработка на стратегија треба да се утврди како ќе се развива земјоделскиот сектор во следниве пет-десет години, а во креирањето да учествуваат луѓе со знаење и искуство во аграрот. Имаме стручњаци во секоја област од земјоделството, од житните култури, преку овоштарството, лозарството, раноградинарското производство… Потребни се предуслови за развој на сите земјоделски гранки – вели Илија Каров, професор на Земјоделскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Државата да се насочи кон поттикнување на домашното производство

Според него, недостига врска меѓу производителот и откупувачите или преработувачите. Нагласува оти цените по кои се откупуваат производите од земјоделците се демотивирачки, не ги покриваат трошоците и поради тоа луѓето се откажуваат од земјоделството.
– Мора да се постават правила на игра што ќе овозможат развој на секторот. Иако имаме пазарно производство, не може да се откупуваат производите под производствената цена. Заедно со примарното производство, треба да се поттикнуваат и преработките на земјоделските производи, кои ќе ги извезуваме со зголемена вредност, со што ќе се ангажира и дополнителен работен кадар – прецизира Каров и додава дека е крајно време државата да се насочи исклучиво кон поттикнување на домашното производство.
Тој посочува и дека без домашно производство се соочуваме со ризик од недостиг од храна. Според него, преку соодветна политика може да се зголеми домашното производство на храна, кое ќе ги задоволи домашните потреби. Каров додава дека притоа не смеат да се заборават климатските промени и дека државата треба да се подготвува за инвестиции во култури што вегетираат и во сушни услови, бидејќи може да исчезнат културите што сега се одгледуваат.


Увоз на храна

Година              Увоз на храна
2020                  664 милиони евра
2019                  670 милиони евра
2018                  628 милиони евра
2017                  605 милиони евра
2016                  554 милиони евра

Извор: Државен завод за статистика