Фото: Игор Бансколиев

Македонија имаше големи периоди на стагнација, големи варијации на подеми и падови низ историјата и позитивната страна на нашата приказна е дека како земја и територија сме успеале да ја задржиме традицијата на одгледување винова лоза. Гледајќи од поновата историја, сѐ уште како индустрија го влечеме товарот на масовното производство на вино и неговата продажба како наливно, наметнато во времето на социјализмот каде што главна стимулација бил што поголем принос на грозјето за производство на големи количества вино, објаснува Елена Милошевска-Јовановска, комерцијална директорка за интернационални пазари на винарницата „Стоби“

ДОДЕКА ОД ТРАДИЦИЈАТА СЕ СОЗДАВА ИНДУСТРИЈА

Македонија има богата винска традиција што домашните винарници од година на година успешно ја продолжуваат произведувајќи квалитетни препознатливи вина, кои имаат потенцијал да освојат уште многу пазари. Тие отвораат нови перспективи, бидејќи виното е пијалак што е распространет и присутен на двете Земјини хемисфери, се пие во друштво, обединува, дава расположение и е тема за разговор. Притоа, носи во себе карактеристики што се индивидуални и зависат од поднебјето од каде што потекнува. Винскиот туризам е нераскинлив дел од целата винска приказна на Македонија, како земја што има огромни можности за промоција на своите вински убавини и презентација на прекрасни вина што за туристите претставуваат нешто ново, егзотично и впечатливо.

Предноста на комплетно новите инвестиции

Елена Милошевска-Јовановска, комерцијална директорка за интернационални пазари на винарницата „Стоби“, вели дека македонската винска индустрија како силно извозно зависна постојано мора да биде насочена кон отворање нови перспективи што значат подобрување на квалитетот на виното, експериментирање со локалните сорти, следење на светските трендови за задржување на позициите на постојните пазари и, секако, отворање нови пазари.
– Ние како винарница имаме предност во однос на другите големи вински капацитети во Македонија, бидејќи „Стоби“ претставуваше комплетно нова инвестиција во винскиот сектор во нашата држава пред 12 година каде што беше имплементирана најновата технологија за производство на вино. Дополнително, наша компаративна предност е што во наша комплетна сопственост се лозовите насади што се строго контролирани од нашата винарница. Тоа ни дава од една страна слобода за експериментирање и воведување нови иновативни практики, но и одговорност и цел да се насочиме кон извлекување на најдобриот квалитет од грозјето за добивање вино што ќе ги задоволи нашите потрошувачи во светот – објаснува Милошевска-Јовановска.
Таа додава дека секоја нова посета на извозните пазари и посета на вински саем им отвора нови перспективи и можности за соработка, велејќи дека благородноста на винската индустрија е во потребата за претставување на сопствената земја во најдобро можно светло.
– Македонија како винска земја сѐ уште го бара своето место на препознатливост на светската винска мапа. Не би рекла дека во овој момент можеме да се декларираме како ценет вински регион бидејќи пред нас следуваат уште многу работа и напори, кои е потребно како индустрија да ги направиме заедно за да достигнеме препознатливост – нагласува Милошевска-Јовановска.

Товарот на масовното производство

Според неа, гледајќи наназад во историјата ние сме земја со голема традиција на производство на вино и слободно можеме да се декларираме како еден од најстарите региони каде што се произведувало виното.
– Но Македонија имаше големи периоди на стагнација, големи варијации на подеми и падови низ историјата и позитивната страна на нашата приказна е дека како земја и територија сме успеале да ја задржиме традицијата на одгледување винова лоза. Гледајќи од поновата историја, сѐ уште како индустрија го влечеме товарот на масовното производство на вино и неговата продажба како наливно, наметнато во времето на социјализмот каде што главна стимулација бил што поголем принос на грозјето за производство на големи количество вино – споменува директорката од „Стоби“
Како што вели таа, наливното вино, кое и ден-денес зафаќа 57 отсто од вкупниот извоз на вино од земјава, е со повисок квалитет и стандарди од пред 40 години и во последните 20 години работат на постепена трансформација на наливното вино во форма на вино во шише.
– Ова е долг и макотрпен процес, но гледано низ податоците за извоз, како и гледано од страна на квалитетот можам слободно да кажам дека сме на добар пат. Во 2005 година извозот на наливно ниво зафаќал дури 95 отсто, а денес е намален на 57 отсто за сметка на амбалажираното вино. Големите инвестиции на винарниците, како во старите капацитети, така и во новите винарници што се појавија на пазарот, придонесоа за насочување кон квалитет и градење бренд од македонското вино. Пред нас е голем предизвик во делот на комплетирање на нашата приказна, која ќе ја постигнеме со воведување заштитени географски ознаки за вино во нашите вински региони – објаснува Милошевска-Јовановска.

Македонското вино се извезува во 38 земји низ светот

Таа нагласува дека македонското вино се извезува во 38 земји низ светот и најголеми извозни пазари се земјите од регионот каде што сме препознатливи и добро позиционирани.
– Радува фактот што денес македонското вино остварува одлични продажби и на пазарите како Русија, Кина и Америка и на дел од пребирливите пазари во ЕУ. Пазарот на ЕУ претставува клучна дестинација за извоз на амбалажирано вино, сочинувајќи 48 отсто од вкупниот обем на извоз и 38 отсто од вкупната вредност во 2019 година, следени од балканските земји што придонесуваат со 45 отсто од вкупната вредност. Во делот на наливно вино, извозот е повторно доминантен во европските земји, пред сѐ во Германија – појаснува Милошевска-Јовановска.
Според директорката, „Стоби“ годишно остварува продажба од 4,5 милиони шишиња од кои само 24 отсто се пласираат на домашниот пазар, а дури 76 отсто се наменети за извоз на 18 пазари од регионот и од светот. Најголеми извозни пазари на „Стоби“ се Кина, САД и Русија, но значителна продажба остварува и во одредени европски држави како Холандија, Данска, Белгија и земјите од регионот.

Винскиот туризам нераскинлив дел од винската приказна

Винскиот туризам е нешто на што винарницата „Стоби“ посветува големо внимание, тоа е нераскинлив дел од целата винска приказна.
– Сметаме дека нема подобар начин еден човек да се запознае со виното и историјата на овој регион отколку преку комбинацијата на храна и вино. Овој концепт на запознавање со еногастрономската понуда од нашето поднебје го имаме од самото отворање на винарницата и нуди прекрасно уживање за сите туристи и посетители – нагласува Милошевска-Јовановска.
Таа вели дека на овие вински тури нудат и винска едукација, каде што стручни водичи ги запознаваат посетителите со основите на винската технологија, како и со традицијата на одгледување и консумирање вино во овој регион.
– На овој начин сите посетители можат да научат нешто повеќе за винската култура, да уживаат во кулинарските ремек-дела на нашите готвачи, подготвени да изненадат со традиционални македонски деликатеси или со специјалитети од меѓународната кујна и да излезат од „Стоби“ побогати за едно сосема ново искуство. Дополнително, локацијата на винарницата овозможува посета и на околните локации во тиквешкиот вински регион, како што се археолошкиот локалитет Стоби и Тиквешко Езеро – истакнува Милошевска-Јовановска.
Таа вели дека во делот на винскиот туризам се направени индивидуални напори од страна на винарниците, но недостига национален и заеднички пристап кон развој на концептот и брендирање и промовирање на земјата како винска туристичка дестинација. Во овој дел сме на самите зачетоци, но како што расте индустријата ќе расте и овој дел за комплетирање на винската приказна.