Министерот за земјоделство, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, одржаа работен состанок со претставници од Стопанската комора на Македонија, откупните претпријатија на тутун и Сојузот на здруженија на тутунари. На состанокот се разгледаа информациите за моменталната состојба со откупот на тутун од реколтата 2019-та.
Државниот инспекторат за земјоделство е постојано на терен, а дел од откупните пунктови кои времено беа затворени сега се повторно отворени. Од страна на претставниците на откупните претпријатија на тутун беше потенцирано дека целокупното договорено количество на тутун ќе биде откупено и порачаа да не се создава непотребна паника кај тутунопроизводителите. Откупувачите на тутун гарантираа дека проценката на класите ќе се врши реално.
Дополнително, Државниот инспекторат за земјоделство најави зајакнати контроли на терен, контроли во делот на посочените случаи за затворени пунктови и во однос на почитување на законските обврски за откупен и исплатен тутун согласно договорите. На состанокот беше посочено дека не се очекува да има вишок на тутун.
Досега се откупени над 22,4 милиони килограми тутун во вредност од близу 5 милијарди денари или повеќе од 85 отсто од договореното количество е веќе откупено. Се очекува откупот да заврши до крајот на следниот месец.
Од страна на откупните претпријатија исплатени се близу 4,7 милијарди денари. Просечната откупна цена е 221,9 денари за килограм, што е највисока опткупна цена во последните шест години. Од реколтата 2019-та вкупно се засадени 13.342 хектари тутун и склучени 32.798 договори со девет компании. Вкупното производство на тутун од реколтата 2019-та изнесува над 26.700 тони тутун, што е за 6 отсто повеќе од реколтата 2018-та. Планираната количина за откуп е 26.729 тони. Издадени се 20.933 евидентни листови.
Со цел стимулирање на квалитетот, со новиот модел за зголемени субвенции што го воведе Владата на Република Северна Македонија, субвенциите за прва класа тутун се 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа, и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.